„Господинот Иванов го крши Уставот, ја штити владејачката гарнитура и сето тоа го прави за да нема трансфер на власта и да нема одговорност на врхушката на нашите политички опоненти. Јас сум убеден дека со овие чекори што ги преземаме, ќе дојде до доделување на мандатот од Ѓорге Иванов кај нас за да формираме влада и во македонското Собрание да може да ја избереме таа влада“, вели претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во интервју за бугарската телевизија БТВ.

Прашан дали под притисок на надворешни сили ќе се случи Иванов да му го даде мандатот, Заев одговори дека тоа ќе се случи единствено поради тоа што мнозинството ги прифатило двата услови што ги поставил Иванов, па заедно со лидерите на албанските партии од парламентарното мнозинство ќе одат кај Иванов за да му ја дадат програмата на новата влада, во која се гарантира унитарноста на Република Македонија.

Заев потврди и кажа дека не само што лично тој го осудува пеењето на албанската химна, туку и дека пратениците на СДСМ го осудиле тој чин, седнувајќи во тие моменти.

– Еден од пратениците од партијата Беса излезе и ја испеа албанската химна. Тој настан јас лично го осудувам, веднаш тоа го покажавме на дело, сите седнавме кога се пееше таа химна, секако водевме грижа да не се случи немил настан или инцидент помеѓу Македонци и Албанци, заради тоа што во македонското Собрание може да се пее само македонската химна – рече Заев.

За обвинувањата дека планира да воведе двојазични банкноти и двојазични ознаки на униформите на АРМ, односно дека СДСМ заедно со албанските партии во парламентот дејствуваат против унитарноста на Македонија, Заев рече дека и тој и претседателите на албанските партии потврдиле дека нема да се менува идентитетот.

– Сè што имам ми е Македонија. Јас сум Македонец, моите родители се Македонци, и иднината на Република Македонија е утврдена согласно со нашите очекувања како граѓани во ова мултиетничко општество во кое живееме. Досега на сите можни начини и јас и претседателите на албанските партии потврдивме дека нема да се менува идентитетот, дека ќе ја запазиме унитарноста на Република Македонија, дека сè што ќе работиме ќе биде согласно Уставот. Ова што се прави во Македонија е единствено изговор од страна на ВМРО-ДПМНЕ да не ја предаде власта бидејќи се плаши од кривична одговорност во периодот на нивно владеење во периодот од 11 години – рече Заев.