Веруваме во конечна разврска, со која Никола Груевски ќе замине од политичката сцена, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во вечерашното интервју за „Ал Џезира“.

– Ова е очекувана реакција од Груевски. Жално е што сака и ВМРО-ДПМНЕ да го повлече со него. Криминалот е околу Груевски и околу негови блиски соработници – рече Заев.

Тој додаде дека во материјалот од прислушувани разговори што СДСМ го поседува има снимки што сведочат за закани за живот на опозиционери.

– Ова што досега го објавиме не е повеќе од 10 отсто од тоа што го имаме. Имаме папки за слобода и за демократија во кои има конкретни докази за работи кои сè уште се табу-тема во Македонија: Никола Младенов, затворањето на телевизијата „А1“, Мартин Нешковски, името – какво предавство е направено со името. Вистината е скриена од јавноста. Ние се бориме со докази и со сите легални средства, а Груевски прави сè што може само да ја заштити својата кожа – рече Заев.