Заев, Вучиќ и Рама ги потпишаа првите официјални документи за соработка во рамките на „Отворен Балкан“

-

Како први значајни чекори за нов и конкретен импулс за поттикнување на регионалната соработка во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“, премиерот Зоран Заев, претседателот на Република Србија Александар Вучиќ и претседателот на Владата на Република Албанија Еди Рама, денеска ги потпишаа Договорот за соработка за заштита и спасување од катастрофи во Западен Балкан, Меморандумот за разбирање за соработка во врска со слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан и Меморандумот за разбирање за соработка за олеснување на увозот, извозот и движењето на стоки во Западен Балкан.

Договорот за соработка за заштита и спасување од катастрофи во Западен Балкан има за цел Република Северна Македонија, Република Србија и Република Албанија со соодветни капацитети да си помагаат едни на други во случај на катастрофи.

Во рамката на Договорот е предвидено планирање и спроведување на мерки за заштита од природни непогоди и несреќи од поплави, земјотреси, пожари, загадување на животната средина, несреќи на пловни објекти, радиолошки опасности, разни пандемии, како и индустриски и други катастрофи, взаемно известување за заканите, настанувањето и последиците од катастрофи, како и взаемна помош при спасување, давање помош и отстранување на последиците од катастрофи со копнени и воздушни сили и возила за интервенција во случаи на големи пожари, поплави, земјотреси и други непогоди.

Договорот исто така предвидува и заедничка едукација и обука на службите, единиците за заштита и спасување, единиците за заштита од пожари и другите членови на спасувачките тимови преку брифинзи, курсеви, обуки, семинари и други форми на соработка, како и организирање и спроведување на заеднички вежби за спасување и помош, размена на научни и технички податоци и други документи релевантни за заштита од катастрофи, како и соработка во развој и производство на опрема за спасување и обезбедување помош.

Со Меморандумот за разбирање за соработка во врска со слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан се изразува волјата да се олесни движењето на луѓето за да се обезбеди полесен и послободен пристап до пазарот на трудот со отстранување на работни дозволи и поедноставување на постапките за дозволите за привремен престој.

Меморандумот за разбирање за соработка за олеснување на увозот, извозот и движењето на стоки во Западен Балкан има за цел да ја зголеми и зајакне економската соработка меѓу трите земји.

Една од најважните придобивки од овој меморандум е поедноставувањето на процедурите поврзани со увоз, извоз и транзит на стоки во најголема можна мера со размена на податоци меѓу царинските и другите надлежни органи.

Како дел од церемонијата на потпишување на договорот и меморандумите денеска беше објавено новото име на иницијативата – „Отворен Балкан“.

„Претставниците на повеќе од 400 компании учесници на форумот се капиталот на оваа иницијатива. Нивните дискусии, дебати, предлози и проекти што тука ги афирмираа и ги здружија, сведочат дека иницијативата Отворен Балкан е платформата која му е потребна на регионот. Денеска овде се одржуваат стотици билатерални средби помеѓу компаниите од овој наш регион. Со претседателот Александар Вучиќ и премиерот Еди Рама потпишавме еден договор и два меморандуми за соработка. Договорот за заедничко делување во заштитата од катастрофи, помагање и ублажување на тие последици е наша основа и механизам за брза реакција секогаш кога тоа ќе биде потребно. Со Меморандумот за соработка за брз проток на стоки значително го олеснуваме увозот, извозот и транзитот на стоки, ги тргаме пречките во меѓусебната прекугранична трговија, заради напредок на економската соработка и за зголемување на обемот на меѓусебна трговска размена. Со Меморандумот за соработка за работни дозволи имаме за цел да овозможиме либерализација на пазарот на работна сила и да им овозможиме на нашите граѓани да можат да работат во овие три земји, исто како дома,“ рече Заев.

Тој најави дека на почетокот на ноември ќе се сретнат на нови работни средби во Белград, кон крајот на годината во Тирана, а во меѓувреме ќе ги задолжат ресорните министри да обезбедат итна реализација на договореното и да развиваат нови проекти за олеснување на животот на нашите народи.

„И час поскоро, нашите граѓани од Отворен Балкан да осетат конкретни економски бенефити – без разлика дали тоа ќе биде поевтин одмор во Саранда, Преспа или Копаоник или пак побрз проток на стоките кои фирмите треба да ги увезат или извезат. Синоќа разговаравме и за тоа дека покрај овој Економски форум, ќе започнеме и организација на регионален саем на вина и други производи кои се произведуваат во нашиот Отворен Балкан, како и тоа дека ќе организираме младински регионални спортски и друг тип натпревари за да обезбедиме поврзување денес, за подобро утре,“ додаде Заев.

Контраспин: Стотиците милиони евра прво треба да стигнат, па да се бројат

Во набројувањето на успесите од првите 100 дена Влада, избројани се 600 милиони евра инвестиции од 4 компании, од кои само онаа од „Алказар енерџи“ вреди 500 милиони долари....