fbpx

Заев: Време е парламентарното мнозинство да си ја преземе одговорноста

-

„Како парламентарно мнозинство што ја доби довербата, оставивме овие пет недели целата јавност да се увери на каков лажен патриотизам се подготвени Груевски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ и нема сомнеж дека раководството на ВМРО-ДПМНЕ не сака да ја предаде власта бидејќи се плаши од одговорност. Бегање од одговорност нема, амнестија нема, ќе се оди на суд толку често колку што има основани соменвањa за кршење на законoт. Ќе важи за мене и за Груевски и за сите. Законот ќе важи за сите“, порача претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на прес-конференцијата во Собранието, во паузата на продолжението на конститутивната седница.

Тој прво одговори на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ и од коалицијата на досегашнтие 20 продолженија на конститутивната седница и одлучно негираше дека ќе има промена на државните симболи, дека ќе има федерализација или прогласување на Македонците за геноциден народ.

– Сакам уште еднаш да повторам пред сите: лага е дека ќе се менува Уставот, дека ќе се носат закони спротивни на Уставот, дека ќе има кантонизација, дека ќе се менува уставното име, знамето, химната. Лага е дека ќе се учи албански во Штип, лага е дека македонскиот народ ќе се прогласи за геноциден – рече Заев.

Тој зборувајќи за намерите на идната влада и за коалициските преговори, рече дека ќе се зајакнува унитарниот карактер на Република Македонија.

– Точно е дека сè ќе биде во функција на зајакнувања на унитарниот карактер Македонија и точно е дека никој не барал ништо надвор од Уставот, ниту уценувал. Точно е дека ќе има закон со кој ќе се унапреди употребата на јазиците на албанската заедница и на другите етнички заедници – рече лидерот на СДСМ, додавајќи дека тенденцијата е Македонија да биде едно општество за сите.

Во поглед на решавањето на спорот со Грција, Заев најави референдум за конечното решение.

– Одлуките за решавање на спорот со Грција за уставното име ќе ги носиме заедно со ВМРО-ДПМНЕ, а граѓаните на референдум ќе се изјаснат за решение – порача пратеникот и лидер на СДСМ.

Во одговорите на новинарските прашања, Заев рече и дека парламентарното мнозинство нема да дозволи Вељаноски и ВМРО-ДПМНЕ да ги кршат деловникот, законите и Уставот.

– Никој нема право да се изживува. На сите им е јасно дека парламентарното мнозинство ќе одлучува. Еден месец оставивме да се изживуваат во Собранието, но процесот ќе го направиме во согласност со Уставот, законите и со деловникот – рече Заев.

На предупредувањата да не се обидува да направи државен удар, тој испрати порака до ВМРО-ДПМНЕ „да не се обидува, да ги плаши граѓаните“.

– Нас нема да е нè исплашат, ние покажавме дека имаме храброст и одлучност – рече Заев.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...