fbpx

Заев: Во нормална држава мора да се знае вистината за „Монструм“, „Диво насеље“, Младенов

-

Ако сакаме да бидеме нормална и сериозна земја, а не некаква творба тогаш мора да се знае целата вистина за „Монструм“, „Диво насеље“, за сообраќајката на Никола Младенов и за други случаи кои што се случувале во минатото, изјави премиерот Зоран Заев во синоќешното интервју во емисијата „Патот кон“ на „Алсат-М“.

Заев рече дека мора да има меѓународен експерт кој независно ќе ја соопшти вистината за случувањата во кумановско Диво насеље од 9 и 10 мај 2015 година и дека меѓународната истрага за овој случај е дел од програмата на Владата.

– Притоа мора да имаме предвид дека судските процеси течат, ние не смееме да ја нарушиме назвисноста на судството. Меѓународната истрага може да биде разнолика, може да поканиме еден правник, експерт од меѓународната заедница, од Европската Унија кој што ќе го следи целиот процес – рече Заев.

Тој вели дека „сите видовме што се случува“ во Диво насеље, но, оти има многу неодговорени прашања.

– Кој тоа им овозможил на овие луѓе да влезат во урбаното јадро во вториот по големина град во земјава и да бидат неколку дена таму. Како украденото оружје ( од караулата Гошинце) некој овозможил или не да биде преселено долу во градот. Дали постоеле пари, дали тие луѓе се излажани дека ќе дојдат ќе направат некоја драма и ќе заминат. Дали кога дошла полицијата ги направила сите постапки за апсење без притоа да има потреба од убиства? Како се убиени полицајците таму. Дали акцијата била огранизирана од органите како што треба? И тоа како многу прашања треба да бидат одговорени. За да не излезе Заев пристрасен, да не излезе дури и Али Ахмети пристрасен или било кој од претходната власта пристрасен мора да има меѓународен експерт кој што независно ќе ја соопшти вистината, судските процеси се судски процеси кои што треба да си течат – изјави Заев.

Инаку, за настаните во Диво насеље на почетокот на ноември, годинава осум лица беа осудени на доживотни затворски казни, 26 добија затворски казни од 12 до 40 години, а четири лица беа ослободени од обвиненијата.

Во врска со случајот „Монструм“, премиерот вели дека ги следел одлуките на Јавното обивнителство и на Врховниот суд и оти јавниот обвинител постапил чесно што му предложил на Врховниот суд да се врати постапката на повторно судење и да се разгледа заедно со новите докази кои ги има СЈО.

Тој најави дека деновиве или по Нова година ќе се види со родителите на убиените момчиња и додава дека овие луѓе, како и јавноста имаат право да ја знаат вистината.

– Врховниот суд тоа го прифатил и така одлучил. Еве тоа е тоа што јас го знам. Можеби во таа нова постапка ќе бидат осудени исти луѓе, можеби и не. Јас тоа не го знам, но луѓето ќе знаат зошто се тие или зошто не се тие. Овие луѓе кои првично беа осудени на доживотни казни затвор, тврдат дека не се виновни и треба да се утврди тоа. Доказите кои до сега постоеа и оние кои ги има во СЈО треба да се соберат и да се утврди дали е тоа така или не заедно со експертите, истражителите, јавните обвинители и судот, тоа е нивна постапка. Но, сега барем постои фер шанса за правда бидејќи сите докази ги има таму. Можеби тие докази кои ги има во СЈО ќе ги потврдат оние кои веќе ги има или пак, ќе доведе до вистинските извршители. Важно е и родителите и семејствата на убиените да ја знаат вистината. И тие ќе бидат мирни ако знаат дека до крај се се истражило и вистинските убијци ќе одговараат. И кај нив постојат прашалници. Јас ќе се видам со родителите на убиените деца веднаш по Нова година или деновиве, мојот Кабинет веќе закажа средба. Сите трагаат кон правдата и таа мора да биде обезбедена до крај – рече Заев.

Врховниот суд кој крајот на ноември годинава ги укина пресудите на Кривичниот и на Апелацискиот суд со кои шест лица беа осудени на доживотни затворски казни за петкратното убиство кај Смиљковско езеро од 12 април 2012 година и го врати случајот на повторно судење, а на обвинетите им го укина притворот и им одреди поблаги мерки на претпазливост.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...