fbpx

Заев во интервју за „Политико“: Неиспорачување на ветеното од страна на ЕУ остава простор за Русија и Кина

-

Репутацијата на ЕУ на Балканот е нарушена и унијата ќе продолжи да го губи теренот од нејзините ривали ако не започне пристапни преговори во Северна Македонија и Албанија наскоро, предупредува премиерот Зоран Заев во интервју за „Политико“. Тој додава дека стопирањето на интегративниот процес отвара простор за други сили на меѓународната сцена како Русија и Кина.

„Многу работи не се онака како што нашите граѓани очекуваа и затоа евроскептицизмот расте“, вели Заев, уточнувајќи дека незапочнувањето пристапни преговори нема да има влијание само во земјава и во Албанија, туку и во поширокиот регион на Западен Балкан, којшто сега е опкружен од членки на ЕУ.

„Ако ЕУ не се гледа како некој што ги исполнува своите ветувањата во регионот, тоа ќе им даде на Косово и Србија помалку поттик да ги разрешат своите недоразбирања во преговорите под покровителство на ЕУ и ќе ги намали изгледите Босна и Херцеговина да ги спроведува реформите неопходни за нејзините преговори за членство“, вели Заев нагласувајќи дека ако се забави „патувањето“ на регионот кон ЕУ, тоа ќе отвори „повеќе простор“ за другите сили, односно Русија и Кина.

Во однос на идејата пласирана од еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји за отворање на преговорите со Албанија, додека Северна Македонија ќе остане да чека ако не го разреши спорот со Бугарија, Заев во интервјуто за „Политико“ потенцира дека првите луѓе на европските институции, како и некои членки на ЕУ во изминативе денови јасно порачале дека двете земји мора да одат заедно напред.

„Германија, Словачка и Грција се меѓу оние што се изјаснија дека не ги делат ставовите на еврокомесарот од Унгарија“, посочува „Политико“.

„Има јасна порака да нема раздвојување и се надевам дека Бугарија ќе биде разумна“, вели Заев во интервјуто, нагласувајќи оти смета дека Вархеји се обидел да ги поттикне Северна Македонија и Бугарија да постигнат договор за забелешките од Софија.

Македонскиот премиер е оптимист дека може да се најде решение за спорот со Бугарија, опишувајќи ги проблемите меѓу Софија и Скопје како „несуштински“.

Заев исто така смета дека најмоќните Западни влади, вклучувајќи го претседателот на САД, Џо Бајден, ќе помогнат во надминување во застојот, порачувајќи дека ако не се постигне решение, процесот на проширување ќе „замрзне“ во период од една и пол година, поради изборите не само во Бугарија, туку и во ЕУ-силите Германија и Франција.

„Тоа ќе биде дополнителен жесток удар за Северна Македонија, која што направи многу нешта за да си го обезбедни членството во главните Западни политички организации – вклучително и промената на името од Македонија за да се надмине деценискиот спор со Грција.

„Толку многу жртви. И после се, ЕУ не испорачува? Тоа е проблем. Ние покажуваме повеќе европски вредности и европски манири отколку ЕУ“, вели Заев во интервјуто дадено во Атина.

Во однос на вакцините, Заев вели дека неговата влада платила политичка цена поради довербата во солидарноста од ЕУ.

„Вакцините задоцнија. Чекавме мнгоу долг период и луѓето бараа одговороност од мене. Тоа беше многу непријатна атмосфера“, појаснува Заев.

Сепак, тој нагласува оти е оптимист дека ЕУ бргу ќе го надомести загубеното – ако ги започне пристапните преговори.

„Разочарувањето што се појави во изминатите 5-6 месеци може да се надмине со силна порака за проширување со оние земји што го заслужиле тоа, а Северна Македонија и Албанија вистински заслужуваат да се направи следниот чекор“, вели Заев во интервјуто за „Политико“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

СЕММ ги награди најдобрите стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти...