фото: Влада

Реализацијата на проектите во областа на енергетиката, инфраструктурата и гасификацијата е во центарот на владиниот список на усвоени проекти, како приоритетни за искористување на средствата од економскиот инвестициски план за Западен Балкан. Станува збор за вкупно седум апликации, две за техничка помош и пет за грантови за инвестиции. Ова го посочи премиерот Зоран Заев на Виенскиот Економски Форум, во своето второ обраќање каде зборуваше за условите и за поддршката на странските инвеститори во земјава.

Тој истакна дека двата проекта за техничка помош се за гасната врска меѓу Северна Македонија и Србија, како и за енергетска ефикасност на јавните институции. Останатите пет проекти се доставени за искористување на грантови.

„Станува збор за станица за третман на отпадни води во град Скопје, од 71,3 милиони евра, за проектирање и изградба на централна постројка за третман на отпадни води. Понатаму, за изградба на дел од железничкиот коридор 8, Крива Паланка – Деве Баир, за изградба на 23,4 км од третата делница од Крива Паланка до границата со Бугарија и за електрификација за првата и втората делница“, рече Заев.

Тој додаде дека следно е воспоставување на интегриран и финансиски самоодржлив регионален систем за отпад за Полошкиот регион, а четвртиот проект e за соларен фотоволтаик Битола 1 од 20 мегавати, заедно со инсталација на дополнителни 10 мегавати за Осломеј 2. Петтиот планиран прокет е за набавка и инсталација на фотоволтаик од 10 мегавати за Осломеј 1.

„Во моментов во земјава има 34 капацитети во сопственост на странски инвеститори кои работат во зоните и генерираа приближно 3,3 милијарди евра извоз во 2020 година, што е 47 отсто од вкупниот извозот. Овие компании досега инвестираа приближно милијарда евра“, посочи Заев и ги повика инвеститорите да ги искористат поволностите за вложување во државата.

Премиерот нагласи и дека, економијата во зоните во првиот квартал од 2021 година порасна за 30 отсто во споредба со истиот период во 2019 година, а позитивниот тренд продолжува и во април, кога има 7 отсто раст на извозот, во споредба со претходниот месец, во вредност од 279 милиони евра.

„Во првите 5 месеци од годинава потпишавме 5 нови договори со сегашни и нови инвеститори. Вредноста надминува 65 милиони евра во обем на инвестиции. Дури и во време на пандемија, компаниите во зоните одржуваат стабилен број на вработени, над 14.000 вработени. Во моментов 22 компании, сегашни и потенцијални, ги изразија своите намери за инвестиции. Во тек се преговорите, а станува збор за обем на инвестиции од над 300 милиони евра и за нови 5.500 работни места“, изјави Заев, и додаде дека наскоро се очекува склучување на најголемиот договор за странски директни инвестиции досега, од над 100 милиони евра.