Фото: Влада на РСМ

Денеска го одбележуваме Денот на македонскиот јазик, кој оваа Влада како дел од постојаната грижа, заштита и унапредување за нашиот мајчин јазик во 2019 година го прогласи за празник во чест на 5 мај 1945 година кога е донесено Решението на Президиумот на АСНОМ за усвојување на азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо на нашиот јазик, пишува премиерот Зоран Заев на неговиот фејсбук-профил.

„Нашиот македонски јазик ги помина сите фази на создавање и кодификација, на пробив и препознавање, и денес со својата посебност е признат во целиот свет, впишан во личната карта на нашата држава во големото семејство на народи и на земји-членки на Обединетите Нации.Оваа Влада искрено и силно е посветена во негувањето и унапредувањето на македонскиот јазик, бидејќи нашиот јазик е нашиот национален и културен идентитет. Затоа поведовме иницијатива за измени и дополнувања на Законот за употреба на македонскиот јазик, но и ги слушаме сите забелешките и сугестиите во насока на промоција на нашиот македонски јазик.Ја продолжуваме поддршката на голем број книжевни дела од издавачката дејност на Институтот за македонски јазик, како придонес за збогатувањето и унапредувањето на македонскиот јазик,“ пишува Заев.

Тој додава дека на македонски јазик се школувале, се школуваат и ќе се школуваат генерации и генерации успешни академици, доктори, инженери, новинари, културни работници и сите останати. Тоа е јазикот кој се изучувал на триесетина универзитети ширум светот.

„Македонски јазик е јазикот на Блаже Конески, Гане Тодоровски, Даница Ручигај, на Анте Поповски, Славко Јаневски, Матеја Матевски, Ката Мисиркова-Руменова, на Петре М. Андреевски, Видое Подгорец, Оливера Николова и на плејада други подоцнежни и сегашни литерати кои низ годините наназад оставија илјадници книги напишани од нивното македонско перо.2021 е година во знакот на 100-годишнината од раѓањето на великанот на македонската култура – Блаже Конески, како најзаслужен за утврдувањето на македонскиот стандарден јазик. Токму во чест на Џинот од Небрегово, чие дело е светски признато ова одбележување, е дел од Календарот на важни меѓународни јубилеи поддржани од страна на УНЕСКО. Сѐ дури постои македонскиот јазик ќе постојат и Македонците, сѐ дури постојат Македонците ќе постои и македонскиот јазик. Тие две нешта не можат едно без друго, затоа што тие постоеле, постојат и ќе постојат во убава и нераскинлива симбиоза,“ додава тој.