Премиерот Зоран Заев, сепак не ветил дека во Арачиново ќе се вработеле 300 пилоти од Арачиново, како што истакна еден од жителите за време на дебатна емисија „Клик плус“ на „ТВ21“.

„Во Арачиново ветивме реализација на пилот-проекти и тие заедно со Општината се реализираат. Вработување на 300 пилоти нема ниту во мое Муртино”, рече Заев денеска на прес-конференцијата во Владата, одговарајќи на новинарско прашање.

Претходно и од СДСМ оваа вест ја оценија како лажна.

„Лица со низок кредибилитет, лажат дека им било ветувано дека ќе се вработат 300 пилоти, тоа не е точно. СДСМ најостро ги демантира лагите изнесени во телевизиската емисија „Клик плус“ на ТВ21, дека наводно на жители на Арачиново им било ветувано дека ќе бидат вработени дури 300 пилоти. Тоа не е точно. Станува збор за класични лажни вести изнесени од страна на извесен Шаби Билали, лице со сомнителен кредибилитет“, се вели во демантот на СДСМ.

Од друга страна пак „ТВ21“ реагираа на демантот на СДСМ и велат дека „не ги поседува ресурсите кои ги има СДСМ за да го верификува идентитетот на одредена личност и неговите податоци во реално време, во живо, надвор од своите телевизиски студија, во општина каде е гостин.“

„Концептот на „Одајата“ можеби изгледа туѓ, но има правила и за домаќинот, но и за гостите. Затоа, реакцијата на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија за преносот на тоа што го нарекува лажна вест “од страна на лице со сомнителен кредибилитет, оти лаже дека на жителите им е ветено вработување на 300 пилоти“ ТВ21 го смета за навредливо и неетичко“, се вели во демантот на телевизијата.