Сè уште немаме донесено одлука, и чекаме во наредните денови сите надлежни институции да ги достават побараните информации, па ќе решиме дали новиот Клинички центар во Скопје ќе се гради на сегашната локација или пак во Бардовци или во Индустриската зона Визбегово, рече премиерот Зоран Заев одговарајќи на пратеничкото прашање на Павле Богоевски, дали изборот на изведувачот, италијанската компанија ИНСО, е законски и дали дала соодветна банкарска гаранција.

Заев појасни дека почетокот на изградбата на новиот објект, кој ќе биде само дел од Клиничкиот центар во сегашниот круг, би можела да почне во јуни или јули годинава, ако Владата донесе одлука комплексот да се гради на сегашното место. Но ако се донесе одлука да гради целосно нов Клинички центар во Бардовци или Визбегово, камен темелник би се ставил за пет години и целио комплекс би чинел 450 до 500 милиони евра, наспроти 85 милиони евра колку што би се потрошиле за новата градба на сегашната локација.

Договорот за изградба на комплексот што ќе ги вдоми Интерните клиники, а ќе биде поврзана со Хируршки клиники и со Гинекологија, беше потпишан во 19 мај лани, меѓу тогашниот министер за здравство, Никола Тодоров и италијанско-македонски конзорциум составен од фирмите „Инсо системи“ од Италија, „Гранит“ и „Бетон“ од Скопје.

Премиерот Заев рече дека почетокот на изградбата бил блокиран со неизибрање надзор од страна на владата на СДСМ, оти сакале да се уверат дека сите постапки на меѓународниот тендер се в ред. Рече дека сè се покажало законски.

Проблемот со градење на новиот комплекс на сегашната локација е што ќе продолжи и ќе се зголеми сообраќајниот хаос и околу комплексот и во него, појасни Заев, додавајќи дека сепак се планирани две катни гаражи – едната под Клиниката за белодробни болести, а другата од кај МВР, во која би имало 2.200 паркинг места.

Премиерот рече дека ако се изгради нов клинички центар во северниот дел на Скопје, тоа би овозможило растоварување на сообраќајот и полесен пристап на пациентите од другите градови, но исто така сегашната локација би можела да се пренамени во градежна зона, од што државата би добила пари од комуналии. Но во тој случај ќе треба да се платат и 5,5 милиони евра казна поради раскинувањето на договорот за кредитот од 85 милиони евра од Банката на Советот на Европа, која не сака да го пренамени кредитот.