fbpx

Заев: Убеден сум дека договореното ќе биде исполнето и на 11 декември да има избори

-

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев е оптимист дека условите од договорот што претставниците на четирите политички партии го постигнаа на 20 јули ќе бидат исполнети навреме и дека на 31 август тој и останатите тројца партиски лидери ќе го потврдат 11 декември како датум за одржување на предвремените парламентарни избори.

Заев, кој денеска беше во посета на Охрид, рече оти е убеден дека полтичките партии ќе го состават ад хок телото за надзор на медиумите и ќе биде избран главниот уредник на МТВ бидејќи процесот повеќе „не зависи од некои политички гласања меѓу партиите“, туку тој „станува технички“.

– Два пати реков јавно дека нема услови за избори, а изборите кои беа закажани на 24 април и потоа на 5 јуни се одложија. Сега сум убеден дека до 31 август политичките партии ќе ги состават медиумските тела, односно ад хок телото и ќе се избере главниот уредник. Зошто сум убеден? Затоа што тоа повеќе не зависи од некои политички гласања помеѓу партиите, туку станува збор за технички процес. Убеден сум дека Државната изборна комисија ќе го заврши својот дел од прочистувањето на Избирачкиот список заради тоа што и тука нема гласање…Очекувам на 31 август лидерите на сите четири политички партии да го конкретизираме и потврдиме 11 декември. Од 1 септември очекувам да се формира Владата за спроведување на изборите. Тоа се 100 дена до 11 декември – рече Заев.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со најавите од ДУИ и ДПА дека нема да предложат свои претставници во ад хок телото за медиуми, Заев изјави дека двете политички партии уште во процесот на преговори „кренале раце од медиумите“ и не сакале да разговараат за овој втор услов. Тој не верува дека ова може да биде некаков изговор за одложување на изборите.

– Тие во процесот на преговори имаа кранато раце од медиумите и не сакаа да разговараат за овој втор услов. Важен беше делот на прочистување на Избирачкиот список. Како што можете да забележите во еден дел и меѓународната заедница како фасилитатори кренаа раце. Не се откажавме. Затоа имаме времено решение, не трајно. Трајното решение за кое што зборува ЗНМ и голем дел од новинарите во Македонија е нешто кое што ние го посакуваме. Но власта не даде поддршка на комплетни и конечни реформи во медиумскиот простор. Сега добивме едно времено решение коешто ќе биде сериозен исчекор и ќе најави квалитетни реформи коишто ќе следуваат по самите избори. Тоа не е основа ДУИ или ДПА да не учествуваат или да бараат изговори за одложување на изборите – изјави Заев, додавајќи дека незаинтересираноста на ДУИ и ДПА околу ова прашање била оправдана со тоа дека ако СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ изнајдат решение, тоа ќе биде доволна гаранција и за албанските политички партии, но и другите опозициски партии во земјава.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

СЕММ ги награди најдобрите стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти...