Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ги повикува граѓаните на смиреност и на присебност, да не подлегнуваат на мрачни сценарија за предизвикување конфликт и дестабилизација на Македонија, рече денеска лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на вонредната прес-конференција по утринската акција на МВР во Куманово.

– Го повикувам Никола Груевски веднаш да излезе пред граѓаните на Македонија и да им објасни кој, зошто, со каква цел ја дестабилизира Македонија. Дали и зошто криминални групи од територијата на соседните држави влегуваат во Македонија? Кој ги организира и со каква цел? Истото треба да го направи и Али Ахмети. Жртви се граѓаните и Македонци и Албанци, и полицајци и цивилно население. Сега најважно е да му се помогне на цивилното население и да му се обезбеди и гарантира сигурност и безбедност. Црното сценарио нема да успее. Граѓаните препознаваат кој има интерес од вакво сценарио и нема да дозволат да бидат вмешани во вакво сценарио. Македонците, Албанците и сите други граѓани се заедно како никогаш досега. Убеден сум дека така и ќе остане – рече Заев.

Иако протестите што ги имаше во последните неколку дена беа самоиницијативни, Заев замоли да престанат, а дали протестот закажан на 17 мај ќе се одржи, од СДСМ дополнително ќе одлучат.

– Апелирам до сите граѓани да ги скротат гневовите што ги имаат во душите,  предизвикани од актуелните состојби во Македонија, соопштени преку доказите на опозицијата. Убаво е протестите да престанат иако беа самоинцијативно организирани. Во овој период и со мислите и со нашите мудри паметни идеи, заедно сплотени, сите граѓани да придонесеме кон брзо решавање на оваа тешка состојба која е многу лоша за Македонија – додаде Заев.