Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Трајчо Димков, на седницата за пратенички прашања го праша премиерот Зоран Заев дали директорот на Aгенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, ќе поднесе оставка поради низата скандали во Агенцијата меѓу кои е и збирката песни, за која рече дека има елементи на дискриминација.

– Збирката има скандалозна содржина а директорот Дарко Каевски се потпишал како уредник со што ја презел објективната одговорност. Наместо објаснување од типот „не сме знаеле“, Каевски да каже како ги разбрал стиховите – рече Димков.

Заев рече дека директорот на Агенцијата за млади и спорт, Каевски е одличен кадар и дека ќе остане на таа функција, а за содржината на збирката ја обвини комисијата за која рече не си ја завршила работата.

– Сме имале можност и приватно и водејќи јавни институции да поддржиме одредени изданија. Не е должност ниту имаме време сето тоа да го читаме. Добро е што се поддржуваат млади и добро е што се формирала Комисија но таа не си ја завршила работата. Ова не е причина за одговорност на директорот, кој што е одличен кадар и добро си ја врши работата. Сметам дека Дарко Каевски треба да остане на функцијата. Ако има минимум сомневања за Каевски или за било кој друг, органите да отворат истрага. Не можеме да почнеме со работа од сите бандитски работи кои што се случувале во Македонија, само читајте ги извештаите на државните ревизии и ќе видите – вели Заев.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ не се грижела за младите и за спортот во Македонија и дека дел од тениските игралишта се граделе заради само заради бизнис интереси и провизии, а сега служат пасење на кравите и овците во Македонија. Според него, благодарејќи на стопирањето на забеганите криминални проекти на ВМРО-ДПМНЕ, сега има повеќе пари за спортот.