„Со законот за јазици ќе се прошири употребата на службениот јазик што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните, што значи дека законот, во согласност со тоа, ја проширува употребата на јазиците во институциите. На овој начин ќе се овозможи граѓаните да комуницираат со државните институции на својот мајчин јазик“,  изјави премиерот Зоран Заев во Охрид, откако синоќа Владата го усвои текстот на законот за употреба на јазиците.

Тој додаде дека особено значајно е што овој закон целосно ја гарантира соодветната употреба на македонскиот јазик и на другите јазици кои се во службена употреба во одредени единици на локална самоуправа – турски, ромски, српски, влашки и бошњачки.

– Со законот ја унапредуваме употребата на јазиците на сите заедници во Македонија. Сите одредби во законското решение се во согласност со членот 5 од Уставот на Република Македонија. Пакетот законски решенија го праќаме на усвојување во Собранието, а потоа, откако ќе биде усвоен, че биде испратен и на разгледување пред Венецијанската комисија, со приложените отворени прашања, кои не се дел од овој закон – изјави Заев.

Премиерот додаде дека досега употребата на јазиците зависеше од тоа дали некоја институција ја води Албанец, а од сега ќе зависи исклучиво од закон.

– Ако некој граѓанин има право да зборува на својот мајчин јазик, со тоа не губат другите граѓани, а добива Република Македонија, како граѓанска и демократска држава – додаде Заев.

На новинарско прашање дали употребата на албанскиот јазик е за цела територија, Заев појасни дека македонскиот јазик и неговото кирилично писмо во општините кои се двојазични е првиот службен јазик.

– Вториот јазик за Струга е албанскиот јазик, во Шуто Оризари е ромскиот. Прв јазик во службена употреба е македонскиот јазик, единствен јазик за меѓународна употреба е македонскиот јазик – изјави Заев.

Во однос на двојазичните пари и униформи во Армијата, рече дека такви нема да има, освен ако Венецијанската комисија потврди дека тоа е во согласност со Уставот.