Премиерот Зоран Заев со владина делегација утре ќе претстојува во официјална посета на Република Косово, соопшти владината прес-служба.

Делегација, што ќе ја предводи Заев, ја сочинуваат министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, министерот за култура Роберт Алаѓозовски и министерот без ресор задолжен за дијаспора Едмонд Адеми.

На агендата, во рамките на посетата, предвидени се неколку билатерални средби меѓу владините делегации на Македонија и на Косово, а првата тет – а – тет средба Заев ќе ја има со својот косовски колега, Рамуш Харадинај, по која е предвидена заедничка прес-конференција.

Предвидена е и средба на Заев со претседателот на косовскиот парламент, Кадри Весели, а македонскиот премиер ќе се сретне и со претставници на македонско – косовската бизнис заедница, како и со фирми од Македонија и од Косово.

Посета на Косово, премиерот Заев ќе ја заокружи на средба со претседателот на Косово, Хашим Тачи.

Посетата на владината делегација на Косово е прва официјална посета на премиер на Република Македонија на Република Косово.