Премиерот Зоран Заев прими делегација од учесниците на бизнис-форумот меѓу претставници на деловната заедница од Македонија и Руската федерација, како и членовите на Меѓувладината комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка меѓу двете земји, која денеска и утре во Охрид, ја одржува 9. сесија.

Делегацијата на Руската федерација ја предводеше заменик министерот за индустрија и трговија Алексеј Груздев, придружуван од амбасадорот во нашата земја Сергеј Александрович Баздникин.

Премиерот истакнал дека односите се традиционално пријателски и нив ги карактеризира позитивен дух, но и одреден неискористен потенцијал, кој треба да биде одредница за тоа во кој правец би требало да се движат односите во економската соработка во иднина.

Двете страни во комисијата се договориле освен досегашните области за соработка во енергетиката, транспортот, и земјоделството, соработката да се прошири и во други области. Тие се согласиле да се формираат посебни работни групи за сите области на соработка, што најавува многу конкретна работа и ефикасно донесување одлуки од интерес на двете земји и на нашите граѓани.

Руската делегација од своја страна истакна дека преку институциите на Руската Федерација ќе биде преземена поактивна улога и ќе ги охрабри иницијативите како Бизнис Форумот што денес се одржува во Скопје, за подобро запознавање и за унапредување на соработката.