Фото: Влада

Премиерот Зоран Заев денеска се согласи со бугарскиот претседател Румен Радев, кој вчера изјави дека не сака како посредници во спорот меѓу Скопје и Софија да се вклучат европски историчари. Заев рече дека секојпат се добредојдени пријатели кои сакаат да помогнат, но дефинитивно ова е билатерален спор и така треба да го решиме.

Инаку, тој вчера имаше телефонски разговор со новиот бугарски премиер во техничката влада Стефан Јанев, за што Заев денеска рече дека се договорени некои следни чекори кои верува, како што истакна, дека ќе бидат потврдени и од бугарска страна, согласно вестите кои ќе ги донесат претседателите Радев и Пендаровски.

„Договоривме некои следни чекори, верувам дека ќе бидат потврдени и од нивна страна. Секако, согласно вестите што ќе ни ги донесат двајцата претседатели кои денеска се враќаат од Ватикан, за да кажат детали од самите разговори. Но, самиот разговор го потврди уште еднаш големото пријателство помеѓу двете земји. Наша желба, а верувам и нивна аспирација во иднина ќе биде поддршката на целиот Западен Балкан за интеграцијата во ЕУ. Она што е значајно е да продолжиме да работиме на изнаоѓање на решенија“, изјави премиерот Зоран Заев.

Тој порача дека „Европа е кабаетлија и ни должи многу“, а до Бугарија испрати „замолница“ за да ја поддржи Северна Македонија и порача дека историјата е важна, но уште поважна е историјата што се пишува денеска.

„16,5 години направивме како чекаме пред вратите на ЕУ. 2001 година, веднаш по Словенија, потпишавме договор за асоцијација и стабилизација, пред Хрватска, а Хрватска еве слави 8 години од членството во ЕУ. Што е многу – многу е. Испорачавме сѐ, нема дилеми ни дома ни надвор, и за делот на реформите, и за европските манири, и за дипломатскиот начин на дијалог и решавање на проблемите, докажавме и одржавме лекции за целиот европски континент и навистина заслужуваме. Јас ја испраќам пораката за замолница за поддршка од Бугарија кон Северна Македонија зашто лесно е да се стават непријатни состојби, не е така лесно да се градат пријателства, да се унапредуваат врските и соработката“, додаде премиерот Заев.

Бугарскиот претседател Румен Радев вчера го отфрли предлогот за вклучување на меѓународни експерти во заедничката историска комисија.

„Немаме потреба од никакви посредници. Никој не ја знае нашата историја подобро од нас. Тоа зависи од нас, од отворен конструктивен дијалог со Софија, заснован на историските документи,од оригиналните извори. Комисијата ќе работи за историјата. Најважно е ние на политичко ниво да ги направиме неопходните чекори. Тие чекори не минуваат низ другите европски метрополи, па од таму да се прави притисок на Бугарија. Тоа никако! Треба да бараме одржливо и трајно решение“, порача претседателот Радев.