Заев се повлече, нема да биде министер, ама ќе раководи со Министерството за финасии

-

Образлагајќи го предлогот за разрешување на министри, како втора точка на денешната седница на Собранието, премиерот Зоран Заев истовремено ја повлече својата кандидатура за министер за финансии, но рече дека ќе раководи со министерството сè до избор на новиот министер.

Претходно Антикорупциската комисија го предупреди Заев дека функциите премиер и министер се неспоиви и дека ако тоа се случи, таа ќе мора да преземе мерки според своите надлежности.

Пред излагањето на Заев на денешната собраниска седница, и Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ предупреди дека според членот 44 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси премиерската и министерска функција не се споиви.

Образлагајќи го предлогот за реконструкција на Владата, која ја нарече втора поголема реконструкција во актуелниот мандат, Заев рече дека новиот владин кабинет ќе има едно министерство помалку.

– Јас не гледам на министрите како припадници на една или друга партија, за мене се најбитни нивните перформанси. Носителите на јавни функции мора да испорачаат резултати кои носат полза за граѓаните – рече Заев.

По излагањето тој порача дека е подготвен да одговори на сите прашања од пратениците за владината реконструкција, по што координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата, Никола Мицевски, се упати до претседателот на Собранието, Талат Џафери, и по краткиот разговор, Џафери прогласи 15 минути пауза.

Макрон повика на запирање на испораката на оружје за Израел и фокусирање кон политичко решение

Францускиот претседател Емануел Макрон повика на запирање на испораката на оружје за Израел за употреба во Газа, што предизвика критики од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, пишува Би-Би-Си. Макрон за...