Оваа година Меѓународниот ден на правото на пристап до информации од јавен карактер, ОН и УНЕСКО го посветија на остварувањето на ова право во услови на криза, и во услови кога за ова право се исполнети сите уставни и законски гаранции во демократските општества, пишува премиерот Зоран Заев на неговиот фејсбук-профил по повод Меѓународниот ден на правото на пристап до информации од јавен карактер.

„Свесни дека пристапот до информации во време на криза спасува животи, Владата ги следеше принципите за отвореност на институциите, транспарентност и комуникација за најважните прашања и мерки во справувањето со Ковид-19 од интерес за граѓаните. Она што е најважно е дека токму пристапноста до информациите, транспарентниот пристап што Владата го покажува за време на кризата, гради доверба помеѓу граѓаните и институциите кои им служат. Денес, секоја проверена и веродостојна информација поврзана со справувањето на здравствените и економските последици од Ковид-19 се на еден клик од секој граѓанин во Северна Македонија,“ пишува Заев.

Тој додава дека „стратешките определби за пристап до информациите, за транспарентност и за комуникација, опфатија редовни прес-конференции, на почетокот и по две или три на ден, на кои медиумите и граѓаните, во живо преку интернет, или преку традиционалните електронски медиуми, беа редовно информирани и во контакт со стручни лица, и овластени политички претставници од најважните надлежни институции.“

„Централните владини медиумски настани одат двојазично, а дополнителната инклузивност ја обезбедивме и со вклучување на толкувачите на знаковниот јазик, додека главните пораки за основна заштита од корона вирусот беа преведувани на 6 јазици на малцинствата. За да обезбедиме широк пристап до информациите значајни за граѓаните креиравме посебна веб-страница на која се наоѓаат сите информации за Ковид-19 и сите мерки кои државата ги презема во борба со вирусот, а за економските мерки аплициравме посебна пребарувачка алатка. Дополнителен пристап до најважните информации овозможија и апликациите на Вајбер, како и посебните веб страници за дел од владините мерки како што се https://domasiedoma.gov.mk и https://kupuvamdomasno.gov.mk/mk/. Сето ова се оствари затоа што Владата на Република Северна Македонија уште на почетокот на здравствената криза со корона вирусот, препозна дека една од повеќето важни задачи што претстојат е отворениот пристап до информациите и навременото, постојано и веродостојно информирање, со цел заштита на јавното здравје и здравјето на секој граѓанин во земјата,“ додава Заев.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.