fbpx

Заев: Предлози за името очекувам догодина, сега не разговараме за суштински прашања

-

Во моментов градиме пријателски односи со Грција и ја зајакнуваме довербата помеѓу двете страни за да бидеме пријателски настроени за моментот кога ќе треба да се решава сериозниот проблем за името, одговори на новинарско прашање премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција, на која ги сподели впечатоците од учеството на 72. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк.

За спорот во врска со името, премиерот исто така рече дека нема да навлегува во тоа што шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас ги брифирал грчките новинари, само додаде дека со него разговарале дека двете земји се настроени пријателски.

– Во моментов двете држави ги градат мерките на доверба кои можат да бидат од помош кога ќе дојде моментот да се разговара. Не се разговара за суштински прашања, сега не сум подготвен да разговарам за прашања поврзани со идентитетот. Грција ја посетиле еден милион наши државјани, навистина е вредно да се дадат напори за Македонија да исчекори кон евроатлантските интеграции – додаде Заев.

Во однос на промената на името на аеродромот „Александар Велики“, Заев рече дека „коментарите се отидени предалеку“ и дека во овој момент нема да се дозволат провокации од македонска страна.

– Треба да бидеме подготвени за решавање на проблемот, бидејќи тоа ќе значи автоматска покана за членство во НАТО и почеток на преговорите со Европска Унија – рече Заев.

Тој информираше дека идната пролет ЕУ ќе дискутира за давање шанси на земјите од Западен Балкан да ги почнат преговорите.

– Сакам идната пролет Македонија да биде една од земјите што ќе ги почне преговорите за членство во ЕУ. Дотогаш или до средината на 2018 година логично е да се очекуваат нови идеи за името од посредникот Метју Нимиц – рече Заев.

Прашан за законот за употреба на јазиците, тој уште еднаш повтори дека тој е во согласност со Уставот и дека треба да се донесе поради практична потреба на граѓаните, без да се поаѓа од нечија суета или каприц.

На новинарско прашање дали СДСМ ќе поддржи кандидати за градоначалници од ДУИ кои можеби имаат криминално досие, Заев рече дека ќе го поддржат секој добар кандидат кој работи во интерес на граѓаните.

За посетата на Њујорк рече дека евроатлантските интеграции биле во фокусот на сите 30 средби кои ги остварил со светски и лидери на делегации, високи претставници на меѓународни организации, бизнисмени и со претставници на дијаспората.

Заев најави вклучување на дијаспората во подобрување на животот во државата преку финансиска поддршка и човечки ресурси.

– Генералното собрание на Обединетите нации беше одлична шанса за државата да учествува во глобалните дискусии за заеднички теми кои нè засегаат сите. Ги искажавме позициите на државата дека сме против употребата на нуклеарно оружје, дека сме за мирно решавање на конфликти и за заштита на животната средина – рече Заев и додаде дека пораката што ја носи оттаму е „остварливи евроатлантски перспективи и можен подобар живот за граѓаните“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...