fbpx

Заев подготвен за ТВ-дуел, Груевски размислува

-

Дебатата за економските политики помеѓу министерот за финансии, Кирил Миноски, и дополнителниот заменик-министер за финaнсии, Кире Наумов, од 16 септември и вчерашната (6 октомври 2016) помеѓу министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и дополнителниот заменик-министер, Оливер Андонов, и покрај сите слабости, сепак се зрак надеж за повеќе од деценија закочените меѓусебни соочувања на политичарите.

Тоа ја наметна дилемата дали е можен ТВ-дуел помеѓу лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Никола Груевски.

За СДСМ нема никаков проблем нивниот лидер да се појави на ТВ-дуел со неговиот политички ривал.

– Зоран Заев секогаш е подготвен да оди на дебата со Груевски. Ние и го повикуваме Груевски на дебата, во кое било време и медиум. Истото важи и за кој било претставник на СДСМ со претставник на ВМРО-ДПМНЕ – ни изјави портпарлот на СДСМ, Петре Шилегов.

Oд ВМРО-ДПМНЕ, пак, ниту ни потврдија ниту негираа дали Груевски е подготвен за дуел со лидерот на опозицијата.

– Треба да размислиме и во зависност од агендата ќе се произнесеме – ни изјави Иво Котевски, директор на центарот за комуникации на владејачката партија.

Од информативната редакција на МТВ велат дека прават планови за дебатни емисии, но ќе ги обелоденат кога ќе се распушти Собранието.

– Подготовките се во тек и ќе правиме дебати со политичарите пред изборите. Секако дека сакаме дебата помеѓу Заев и Груевски, а кој не би сакал – велат од МТВ за „Мета“.

Никола Груевски избегнува телевизиско соочување уште од 2006 година, кога и дојде на власт.

Новинарот Алексадар Чомовски ја имал таа чест, пред една деценија, во неговата емисија „Чуму“ на телевизијата А1, да биде последното ТВ-соочување помеѓу Груевски и Заев, но во поширок состав. Тогаш, на Чомовски му гостувале Груевски, како премиер, со својот „мини-кабинет“ и Заев, како потпретседател на СДСМ, со повеќе експерти и новинари.

Досега јавноста не била сведок на директен ТВ-дуел на претставниците на најголемите македонски партии откако тој ја предводи ВМРО-ДПМНЕ од 2003 година.

Покана за соочување доби на предвремените парламентарни избори во 2008 година, кога претседател на СДСМ беше Радмила Шекеринска. Тогаш преку видеоспот, непосредно, пред изборите, Шекеринска побара ТВ-дуел, а на Груевски му порача „да не бега од женска сукња“.

Претходно, покана за телевизиско соочување до лидерот на ВМРО- ДПМНЕ и тогашен премиер упати и поранешниот претседател на СДСМ, Бранко Црвенковски.

Од позиција на премиер и прв човек на владејачката партија, Никола Грувески не прифати ниту една од овие понуди.

Интересно е дека и Бранко Црвенковски го одби повикот за дебата што во 2002 година му го упати тогашниот премиер Љубчо Георгиевски.

Последниот телевизиски дуел на лидери на партии се случи во 1998 година, пред парламентарните избори, кога во студиото, еден спроти друг, седнаа тогашните лидери на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Бранко Црвенковски и Љубчо Гергиевски.

Прв македонски политичар што одби телевизиско соочување беше поранешниот претседател Киро Глигоров. За претседателските избори во 1994 година, тој одби да се соочи со својот противкандидат, Љубиша Георгиевски.

На претседателските избори во 2004 година, тогашните кандидати на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Бранко Црвенковски и Сашко Кедев, имаа телевизиско соочување.

По телевизиското соочување на МТВ меѓу актуелниот шеф на државата, Ѓорге Иванов, и неговите противкандидати пред претседателските избори во 2014 година, веднаш по завршувањето на дебатата, институтот „Павел Шатев“, како новина во истражувањето на јавното мислење во Македонија, спроведе телефонска анкета меѓу гледачите. Анкетата покажа дека Иванов бил убедлив победник во дебатата, што се потврди и на изборите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...