fbpx

Заев по средбата со Вархеји и Силва: Предлогот е добра основа за решение, не навлегува во идентитетските прашања

-

Важно е дека, во овој момент јасно и одговорно можеме да кажеме дека предлогот е добра основа за постигнување решение за проблемот, решение со кое ќе се отстранат сите пречки и ќе се отворат преговорите преку одржување на првата меѓувладина конференција за Северна Македонија. За нас, особено важно е што со ова предлог решение никако не се допира и не се навлегува во нашите македонски идентитетски прашања, со што нашата круцијална позиција е задоволена, порача македонскиот премиер Зоран Заев по средбата со министерот за надворешни работи на Португалија Аугусто Сантош Силва и еврокомесарот за соседска политика Оливер Вархеји.

На средбата во Клуб на пратеници, во која учествуваа и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи, Силва и Вархеји ги презентираа предлог решенијата за надминување на проблемот помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија кои имаат за цел да гo деблокираат отворањето на преговорите на земјата со ЕУ со одржување на првата меѓувладина конференција. Претходно во Софија, Вархеји и Аугусто Сантош Силва се сретнаа со министерот за надворешни работи Светлан Стоев, премиерот Стефан Јанев, претседателот Румен Радев, како и со поранешниот премиер Бојко Борисов и поранешната министерка за надворешни работи Екатерина Захариева.

Официјална Бугарија го отфрли предлогот, со пораката дека Софија нема да се откаже од своите позиции.

„Очекуваме од нашите најблиски соседи во регионот да работиме во духот на искреност и конструктивност. Сакам да потцртам дека во однос на оваа тема има општа согласност и не може да се очекува промена во националната позиција на Бугарија во однос на Северна Македонија“, порачал Стоев.

Македонскиот премиер попладнево, нагласи дека со предлогот е задоволена македонската „круцијална позиција“.

„Министерот за надворешни работи на Португалија Силва и еврокомесарот Вархеји денеска донесоа предлог решение чија цел е надминување на проблемот помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија. Јас, со тимот во Владата задолжен за овие преговори, пред сѐ со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и со министерот за надворешни работи Бујар Османи, сериозно и одговорно ќе ги разгледаме сите детали од предложеното решение.

Важно е дека, во овој момент јасно и одговорно можеме да кажеме дека предлогот е добра основа за постигнување решение за проблемот, решение со кое ќе се отстранат сите пречки и ќе се отворат преговорите преку одржување на првата меѓувладина конференција за Северна Македонија.

За нас, особено важно е што со ова предлог решение никако не се допира и не се навлегува во нашите македонски идентитетски прашања, со што нашата круцијална позиција е задоволена, а силно сме убедени дека предлогот е добра основа и за круцијалните позиции на Бугарија.

После ова, сметаме дека сме во вистинскиот момент да одиме чекор понатаму, да се вложиме сите и час поскоро да постигнеме договор во интерес на заедничката европска иднина.

Тоа го очекуваат и го бараат граѓаните на нашите две земји, тоа го очекуваат европејците, тоа си го должиме себеси, тоа му го должиме на народот.

Ја имаме добрата волја, внимателни сме и имаме разбирање за нашите соседи, ги имаме нашите јасни идентитетски македонски позиции за кои не преговараме, а за кои Брисел покажа разбирање, и се надевам дека со ист таков пристап ќе се сретнеме со Софија за доброто на двата народа и за заедничката иднина на двете земји како соседи и пријатели, како членки на НАТО и како идни партнери и членки на ЕУ“, изјави Заев по средбата.

Претходно во Скопје, Силва се сретна со претседателот Стево Пендаровски.

„Соговорниците разменија информации и мислења за билатералните прашања врзани со добрососедските односи, во контекст на надминување на проблемите со Бугарија. На средбата се потенцираше важноста за скорешно одржување на меѓувладината конференција и формалниот почеток на пристапните преговори за членство на Северна Македонија во Европската Унија.

Претседателот изрази благодарност до министерот Силва за напорите на португалското претседателство коешто, покрај бројните значајни теми, ја одржува во фокус и дебатата за проширувањето на Европската Унија“, соопшти Кабинетот на шефот на државата.

Вархеји, пак, порача преку својот Твитер-профил, дека на средбата со Заев, Димитров и Османи била нагласена важноста на добрососедските односи.

„Официјалниот почеток на пристапните преговори со Северна Македонија е клучен приоритет на ЕУ. Се надевам дека првата меѓувладина конференција ќе се организира во најбрз можен рок по усвојувањето на преговарачката рамка од Советот на ЕУ. Во овој поглед, тесно ќе соработуваме со португалското претседателство со ЕУ. Ја нагласивме важноста на постојаните реформи и добрососедските односи“, порача Вархеји.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

И годинава документите за упис во средно ќе треба да се достават и електронски и во хартиена форма

Министерството за образование и наука (МОН) денеска го објави конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта за учебната 2024/2025 година. Пријавувањето и запишувањето на учениците ќе се врши...