fbpx

Заев од Словенија: Чекорите што Радев ги презема во име на Бугарија се навреда за македонските граѓани

-

Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, вчера од самитот на ЕУ за Западен Балкан во Брдо, Словенија, во изјава за медимуте порача оти e јасно дека само една членка на ЕУ – Бугарија – се противи за почетокот на преговори за зачленување на Северна Македонија во Европската Унија (ЕУ). Тој порача дека бугарските барања, најново изјавени преку настапот на бугарскиот претседател Румен Радев (Бугарија во моментов функционира со техничка влада назначена од Радев), се неприфатливи за граѓаните на Северна Македонија. Посочи дека македонскиот идентитет не е тема на преговорите.

„Денеска на Самитот за Западен Балкан тука во Брдо, Словенија, имаме уште една силна потврда дека само една земја членка на ЕУ се противи на нашата интеграција и на почетокот на преговори за членство во Европската Унија. За жал и на огромно разочарување, мое лично и верувам на сите наши граѓани, блокадата доаѓа од нашиот сосед Бугарија“, посочи македонскиот премиер.

Заев нагласи дека и покрај пораките од претседателот на Франција и канцеларката на Германија во заминување, дека за решенија треба да се гледа напред, Радев и Бугарија прават ретроградни чекори, навредувајќи ги македонските граѓани.

„Пораките од претседателот Макрон и канцеларката Меркел се јасни – за решенијата треба поглед напред, кон иднината, а не копање во минатото. Но за жал, не сум сигурен дека претседателот Радев ја разбрал таа порака. Чекорите и блокадите што Радев ги презема во име на Бугарија се навреда за македонските граѓани. Македонскиот народ, со целата своја мирољубивост, не може да ги оправда блокадите. Мојот народ мене ми даде мандат да создавам решенија, но не ми дал мандат да оправдувам политики од минатиот век. До сега, не постои земја членка на ЕУ која има какви било забелешки за нашите реформи“, порача Заев.

Тој посочи дека европското семејство треба да ги цени реформите што Северна Македонија ги презема, истовремено со обидите за решавање на билатералните спорови. Штом се формира нова класична влада во Бугарија, преговорите ќе се интензивираат, посочи македонскиот премиер.

„Нашиот напредок во интеграцијата во ЕУ првенствено треба да зависи од домашните реформи поврзани со постигнувањето на европските стандарди, а не од билатералните прашања. Затоа, посветени сме на решавање на билатералните спорови кои се влечат од минатото, а доказ за тоа се и Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија од 2017 година. Не е нова вест дека за нас е прифатливо, во духот на европските добрососедски односи, да ги интензивираме разговорите со нашиот сосед Република Бугарија. Ние велиме – да, можеме и мораме, двете страни, веднаш после изборите во Бугарија и во Северна Македонија, како што ни прилега, со искрена политичка волја да преземеме одлучни чекори за решавање на отворените прашања“, рече Заев во изјавата за медиумите.

Посочи дека за македонскиот идентитет не може да се преговара.

„Но, исто така, не е нова вест, дека нашиот јасен и гласен став за идентитетските прашања е дека македонскиот идентитет не може да биде тема за преговарање“, рече Заев.

Покрај другите средби, вчера Заев разговараше и со потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешна политика на ЕУ Џозеп Борел. На средбата македонскиот премиер порачал дека блокадата на оперативниот почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ за Северна Македонија и за Албанија во целиот регион се оценува како сериозно назадување и удар врз довербата во целата ЕУ, соопшти Владата на РСМ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...