Ветото на Бугарија, иако досега потврдуваше дека ги исполнуваме критериумите, е неевропски начин, неевропско однесување, а нејзиниот став е целосно ирационален и навредлив за Македонците и за целиот наш народ, порача премиерот Зоран Заев во денешното обраќање до нацијата, откако вчерашниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ не го донесе посакуваното одобрување на преговарачката рамка за Северна Македонија, односно официјализирање на почетокот на преговорите за зачленување во ЕУ.
„Бугарија стави вето, го прекрши Договорот за добрососедство и пријателство и со тоа застана на патот на нашата европска интеграција за која во повеќе наврати институциите на ЕУ и земјите-членки, вклучувајќи ја и Бугарија, потврдија дека целосно ги исполнуваме условите. Тоа не е европски начин. За жал, Бугарија не собра сила да се однесува европски. Бугарија дозволи, да испорача гест кој не покажува ни пријателство, ни братство. Ставот на Бугарија е целосно ирационален и навредлив за Македонците и за целиот наш народ. Во 21 век, не е европски, ниту демократски, да му кажете на друг како да се чувствува, како да се самоопределува. Не е европски да му ја пишувате историјата на друг народ. Да му наметнувате идентитет на друг народ и да го убедувате дека треба да го прифати“, порача премиерот Зоран Заев.
Тој порача дека власта не дозволува да се чепка во столбовите на македонскиот идентитет – македонскиот народ и македонскиот јазик и нема да се дозволи да биде доведена во прашање антифашистичката борба, оти таа е темелот на македонската државност. Тој на Бугарија ѝ порача дека за некои работи, едноставно, не се разговара.
„Темелите на нашата државност се во антифашизмот на АСНОМ, како што темелите на нашиот идентитет се во македонскиот народ и македонскиот јазик. Тоа се нашите столбови од минатото. Тоа се нашите столбови за иднината. Ние сме свои на своето. Чисти пред себе и пред светот. Знаеме кои сме и точно знаеме каде одиме. И точно знаеме за што смее, а за што не смее ниту да се преговара ниту да се разговара. Ние одбивме да преговараме за работи за кои не смее ни да се разговара! Преговори со ЕУ да, но не по цена на ревизија на македонскиот идентитет. Не под условите кои сега ги наметнува Бугарија“, рече Заев.
Со сличен став за бугарската блокада на македонската ЕУ-интеграција и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која на прес-конференција денеска порача дека пораката од германското претседателство е иста со она „што ние го чувствуваме“ – дека Бугарија направи геостратешка грешка, што не е добра за регионот, не е добра за нас и нема да биде добра и за Софија.
„Ние ќе продолжиме да работиме на европските вредности. И денеска на оваа прес-конференција покажавме дека можеме да испорачаме европски резултати, дури и тогаш кога некој го блокира европскиот процес. Така ќе продолжиме и понатаму бидејќи македонската иднина е европска и ние на тоа нема да градиме алтернатива“, порача Шекеринска.
Таа изрази очекување сите земји од ЕУ, со исклучок на Бугарија, да ја потврдат нивната позиција дека треба да се одржи првата меѓувладина конференција со Северна Македонија.
„Она што ние го ветивме пред месец дена, покажавме дека го исполнуваме и оти во интерес на европскиот процес нема да заборавиме на европските вредности, а едно од тие вредности е почитувањето на правото на самоопределување, на различноста и посебноста на секој народ и на секој јазик. Ние кажавме дека тие црвени линии нема да ги преминеме“, истакна министерката за одбрана Шекеринска.
Од Софија стигна одговор од бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, по нејзината средба со специјалниот претставник на македонската влада за Бугарија, Владо Бучковски. Таа рече дека не може да се зборува за „вето“, оти само станувало збор за неодобрување на преговарачката рамка.
„Погрешно е ова да се нарекува вето, бидејќи станува збор за неодобрување на преговарачката рамка. Ние сме во деликатна фаза од нашите односи“, изјави Захариева.
Таа порача дека на вчерашниот состанок воопшто не се расправало за проширувањето, а дека Бугарија веќе година и пол укажува на бројни проблеми.
„Минимум една и пол година ние ги потсетуваме нашите соседи неколку работи: едностраното блокирање и политизирање на комисијата за историски и образовни прашања, административни пречки за бугарскиот бизнис, неофицијална поддршка на организации на македонско малцинство во Бугарија. За жал нешто што им пречи на двете страни, и на бизнисот и на граѓаните е забавената работа на Коридорот 8“, рече бугарската вицепремиерка.
Захариева обвини и за постојана антибугарска кампања и говор на омраза.
„Тврдењето дека Бугарија го оспорува идентитетот е манипулативно и неточно. Државите не признаваат народи и јазици туку држави. Проблемот е што тие на антибугарска основа ја градат државноста. Таму се добиваат избори на антибугарска реторика, и тоа не може да биде така. Поколенијата не треба да се воспитуваат на омраза, а тоа продолжува таму. Имаше периоди кога се избегнуваше да се каже дека имаме заедничка историја. Историската комисија треба да работи на професионална основа, а не политичарите да ги пишуваат текстовите. Да не се користи комисијата за политички цели. Во договорот од 2017 стои нејзиниот мандат“, порача бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи.
Бучковски на заедничката прес-конференција, пак, нагласи, дека е задоволен што неговиот избор е прифатлив за Бугарија, но нагласи дека неговата работа не се историските прашања, туку инфраструктурата и економијата.