Фото: Арбнора Мемети

Премиерот Зоран Заев денеска во интервју за „Слободен печат“ ја отвори дебатата околу можноста за формирање на влада на национален спас со опозицијата, но и рече дека со актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски не може да се разговара околу тоа прашање. Тој рече дека двете страни треба да се заедно во власта за да се департизира администрацијата, а како пример го посочи заедничкото владеење на демохристијанската ЦДУ и социјалдемократската партија СПД во Германија веќе 15 години.

На изјавата на Заев дека власта и опозицијата треба да бидат заедно во владата за да прекине блокадата во парламентот, коалицискиот партнер ДУИ поинаку гледа. Лидерот на ДУИ Али Ахмети на новинарско прашање на изјавата на премиерот Заев, денеска одговори дека улогата на опозицијата е да биде критичар на власта во сите напредни земји. Ахмети не се согласува со ставовиве на премиерот за опозицијата да постане дел од власта.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешниот предлог на Заев засега не се произнесува, но во јавноста излезе со изјава Антонијо Милошоски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во македонското Собрание. Тој тврди дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвено да разговара за експертска влада, но која ќе организира единствено локални и предвремени парламентарни избори наесен.

Милошоски објасни дека опозициската партија е спремна да разговара доколку експертската влада биде на чело со човек којшто би бил заеднички прифатлив, натпартиска личност што може да ја води државата напред до локалните избори, а потоа да се организираат предвремени парламентарни и локални избори.

Сепак, Антонијо Милошоски не одговори директно на понудата во владата на национален спас да се вклучени најголемите политички партии на подолг рок. Заев пак во изјавата рече дека не станува збор за понуда за техничка влада, но и појасни дека станува збор за нова политика на СДСМ која допрва треба да помине како одлука и кај владејачките социјалдемократи.

Инаку, актуелната влада, на барање на премиерот Зоран Заев, изминатава недела на гласање во Собранието на РСМ доби доверба од 62 пратеника од владејачкото мнозинство, додека опозициските пратеници не учествуваа на гласањето на доверба на Владата.