Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) на вчерашниот конгрес ги објави носителите на листите и кандидатите за пратеници на претстојните парламентарни избори што ќе се одржат на 12 април. Партискиот лидер, Зоран Заев, ќе биде носител на изборната листа во четвртата изборна единица, заедно со Соња Миракоска. Радмила Шекеринска ќе ја предводи листата во петтата изборна единица, во тандем со Јован Митрески. Прв на листата во првата изборна единица ќе биде Никола Димитров, заедно со Мила Царовска.
Во изборната единица 2, листата на СДСМ ќе ја предводат Оливер Спасовски и Сања Лукаревска. Љупчо Николовски и Јагода Шахпаска ќе ја предводат листата на владејачката партија во третата изборна единица. Во изборната единица 6, листата ќе биде предводена од претседателот на Движењето БЕСА Билал Касами и Фаница Николовска.
Високо на шесте изборни листи на СДСМ котираат актуелни кадри на социјалдемократите, меѓу кои е и министерот за информатичко општество и јавна администрација Дамјан Манчевски, пратеникот Мухамед Зекири и портпаролот Костадин Костадинов. Сепак, извесно е дека во идниот собраниски состав ќе влезат и нови имиња, кои досега не биле на некоја позиција во законодавната или извршната власт.
Претседателот Зоран Заев по синоќешниот конгрес изјави дека станува збор за најголема, најразнолика коалиција на претстојните избори, која на 12 април ќе донесе победа.
– Сите политички субјекти во оваа коалиција ја препознаа важноста државата да продолжи по вистинскиот пат, концептот едно општество да се зацврсти уште повеќе, економскиот напредок да биде уште посилен, затоа што само така ќе биде уште подобро за сите – изјави Заев по синоќешниот конгрес.