Владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев денеска се сретна со премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху. Двајцата лидери испратиле порака дека стојат заедно на страната на мирот во светот.
– Гледаме заедно кон подобра иднина. Ги разгледуваме начините и полињата каде што можеме да соработуваме во интерес на луѓето и на нашите земји. Научивме од минатото како да ја обезбедиме иднината. Израел е технолошки развиена земја и ќе ѝ помогне на Република Македонија – вели Нетанјаху.
Заев соопштил дека новата Влада ќе ги употреби израелските искуства за квалитетен живот на граѓаните на Македонија.
– Со Израел немаме отворени прашања, пријателски земји сме. Нашата соработка со Израел се надеваме дека ќе биде на две нивоа, безбедноста и светскиот мир, она за што е Израел добар пример во светот. Се надеваме дека низ организациите како што е НАТО – целиме да бидеме членка на НАТО – ќе продолжиме да соработуваме, бидејќи заканите од радикализмот и од екстремизмот се присутни овде, во Израел, и во овој регион, но исто така и во Македонија и во регионот на Западен Балкан. Соработувавме на полето на безбедноста и на одбраната досега и знам дека ќе ја зголемиме соработката, бидејќи е интерес на сите граѓани и нации – рече Заев.
Во изјавата за медиумите Заев нагласил дека Македонија со голема почит го негува културното богатство на Евреите.
Двајцата лидери се договориле за продлабочување на економската соработка, разговарале за израелски инвестиции во Македонија и за директна авионска линија на релација Скопје – Тел Авив.