Фото: Влада

По цена на македонскиот идентитет и македонскиот јазик не ни треба Европска Унија, затоа што ќе бидеме прашина изгубена низ ветрот и кој тогаш ќе влезе во ЕУ, изјави денеска премиерот Зоран Заев во Ресен.

Тој се надева дека може да се постигне решение за спорот со Бугарија во следните неколку месеци, иако земјата ја очекуваат нови избори.

„Проблемот е нерационален, и мора да најдеме решение. Интерес и на Бугарија е Северна Македонија да биде членка на Европската унија и да се интегрира во меѓународните организации како што е ЕУ,“ рече Заев.

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји вчера од Скопје порача дека Северна Македонија би можела да биде одделена од пакетот со Албанија, доколку не успее да постигне договор со Бугарија за спорните прашања.

„Ова е процес кој се базира на постигнувања. Албанија ги има постигнато условите, но ако нема договор за Северна Македонија мислам дека ќе дојде момент кога ќе треба да ја разгледуваме и таа опција“, рече Вархеји.