Фото: Арбнора Мемети

Премиерот Зоран Заев, преку социјалните мрежи најави дека ако апликацијата Телеграм не го затвори каналот „Јавна соба“ каде се споделува порнографска и приватна содржина, како и детска порнографија, Владата ќе ја разгледа опцијата за блокирање или рестрикција на користењето на оваа апликација во Северна Македонија.

Според него, апликацијата би била блокирана сѐ додека компанијата што ја издава не помогне околу затворањето на групата и откривањето на идентитетот на оние кои споделуваат фотографии и прават кривично дело.

„Денес ова се случува на Телеграм, а утре можеби на некоја друга платформа, затоа ние имаме задача и обврска да направиме сѐ да обезбедиме соодветна реакција и од оние кои ги создале овие платформи каде се случуваат вакви кривични дела“ напиша Заев, кој е категоричен дека Владата нема цел да ја цензурира комуникацијата, но дека станува збор за заштита на своите сограѓани.

Тој упати порака до граѓаните кои споделуваат слики и содржина во групата во истиов момент да престанат со тие активности и да ја напуштат истата.

„На крајот на денот ќе ги добиеме податоците, ќе бидете обвинети и ќе одговарате за тоа што го правите. Министерството за внатрешни работи, во рамки на своите надлежности во земјава е влезено во трага на дел од лицата кои недозволено објавуваат фотографии и вознемирувачки содржини и се преземаат соодветни мерки и активности во врска со случајот“ додава тој.

Меѓу другото, премиерот Заев изрази охрабрување, поддршка и солидарност со жртвите, укажувајќи им дека ќе се преземат сите неопходни чекори за нивна заштита и казнување на сторителите.

Инаку, министерот за внатрешни работи Оливер Спасови денеска преку својот Твитер профил соопшти дека две лица, едно во Битола и едно во Велес се приведени во врска со случајот Јавна соба.

Случајот „Јавна соба“ беше актуелен пред околу една година, кога илјадници членови на оваа група на Телеграм секојдневно гледаа порнографски материјали од малолетни лица. Иако беше најавувано дека ќе се знае што кријат телефоните на администраторите на групата, а беа најавени и кривични пријави, од тоа немаше никаков епилог.