Увид во реконструкцијата на регионалниот пат Битола – Демир Хисар, која треба да заврши во текот на следниот месец денеска извршија премиерот Зоран Заев и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески. Гледајќи до каде се градежните работи, двајцата во еден момент се качија и на асфалтерката.
Министерот Сугарески напомена дека во моментов се асфалтираат последните три километри од патниот правец. Изведувач на градежните работи е фирмата „Гранит“ од Скопје, која реконструкцијата на патот Битола – Демир Хисар ја започна во декември минатата година.
За реконструкција на трасата во должина од 10 километри, од заем од Светската банка се издвоени 1,5 милиони евра. За следниот период е предвидена рехабилитација на дополнителни 12 километри на овој патен правец.
Регионалниот пат Битола – Демир Хисар со години наназад се наоѓаше во многу лоша состојба, со бројни дупки на коловозот што го отежнуваа движењето на возилата.
Покрај за овој патен правец, премиерот Заев и министерот Сугарески најавија дека се предвидува рехабилитација на регионалниот пат Прилеп – Тополчани – Битола и државниот пат Битола – Меџитлија, каде се работи на дополнителни 40 километри патна мрежа во Битола и околината во текот на оваа и следната година.