Премиерот Зоран Заев и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во телефонски разговор разменија мислења за одлуката на ЕУ да го одложи стартот за преговори на нашата земја за членство во унијата, информираат од владината прес-служба.

Заев му го пренел на Столтенберг расположението на граѓаните на земјата од, како што се наведува во соопштението, историската грешка на ЕУ да не ги одобри очекуваните преговори за пристапување во полноправно членство како разочарувачко и фрустрирачко, наспроти фактот дека Македонија ги исполнила сите услови.

„Тоа не треба и нема да влијае и на остварувањето на втората од двете најголеми стратешки цели на државата – членството во ЕУ, и од спроведувањето на реформите до крај за да ги имплементираме европските вредности во сите наши институции, во сите пори на нашето живеење“, истакнал Заев.

Столтенберг на својот Твитер-профил напиша дека имал добар телефонски разговор со премиерот Заев за реафирмирање на посветеноста на НАТО на членството на  Македонија во алијансата.

– Процесот на ратификација е на добар пат и со нетрпение ја очекувам Северна Македонија наскоро да влезе во нашата Алијанса – напиша Столтенберг на „Твитер“.