Извор на фотографија: Влада на РСМ

На денешната, прва средба на премиерско ниво на шефовите на владите на Северна Македонија и Кралството Шпанија, Зоран Заев и Педро Санчез, изразено било исклучително задоволство од двете страни и средбата била оценета како историска и како нова, важна страница за натамошен развој на двете пријателски земји, информираат од владината прес-служба.

Премиерите Заев и Санчез на средбата, на која присуствувал и заменик-претседателот во Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, се согласиле дека средбата е важна и заради евроинтеграциските процеси на Северна Македонија, имајќи ја предвид силната поддршка од Шпанија за одржувањето на првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ, и со тоа, за старт на преговорите.

На средбата, шпанскиот премиер Педро Санчез истакнал дека неговата земја е силен поддржувач на Северна Македонија во остварувањето на оваа цел, нагласувајќи дека поддржува почеток на преговорите и за Северна Македонија и за Албанија во исто време.

Шпанија многу високо ги оценува реформите што ги спроведува Северна Македонија, рече премиерот Санчез на средбата и потенцираше дека тоа, како и исполнувањето на другите критериуми за пристапување во ЕУ, се најважни процеси кои земјата ги остварила и испорачала кон Брисел.

Двајцата премиери оваа прва средба на премиерско ниво ја оценија и како особено значајна за стопанствениците од двете земји и се согласија дека ќе земат уште поголемо учество во поттикнувањето на бизнисмените од двете страни да соработуваат на заеднички инвестициски проекти.