Владата донесе заклучок, премиерот Зоран Заев да може „да ги насочува дејствата во областа на финансиите и финансиските политики“, како и заклучок заменичката на министерот за финансии, Ширет Елези, да ги преземе овластувања и одговорностите за раководењето со ова Министерство.
Ваквите заклучоци, како што информираше на денешната прес-конференција владиниот портпарол Муамет Хоџа, членовите на Владата ги донеле на вчерашната седница.
– На оваа седница беа донесени два заклучока. Првиот дека претседателот на Владата ги насочува дејствата на Владата во работите од областа на финансиите и финансиската политика и спроведување на програмските определби на Владата. Вториот заклучок на Владата е дека констатира оти се настапени условите, согласно кои, заменикот-министер за финансии ги презема сите овластувања и одговорности за раководењето на Министерството за финансии – рече Хоџа.