Премиерот Зоран Заев во интервју за Дојче Веле. Фото: Влада на РСМ, 21 август 2021.

„Кога ќе решат да ги направат следните чекори и да ни испорачаат почеток на преговори за Северна Македонија, бидејќи ние тоа го заслужуваме, можат да ни се јават. Шеснаесетипол години чекање со сè низ што поминуваме е премногу траума, а имаме 12 позитивни препораки од Европската комисија“, истакна премиерот Зоран Заев во интервјуто за „Конфликт зоун“ на „Дојче веле“ на прашање каква порака има за Европската Унија.

Тој потсетува дека самата Европската комисија минатиот месец ja оцени Република Северна Македонија со највисок резултат заради остварените 63 отсто од заклучоците за реализација на Програмата за економски реформи, велејќи дека тоа во последниот извештај за земјите од Западен Балкан и Турција нé прави најдобрата земја на Балканот по остварени реформи.

Сепак, според премиерот Заев, компасот на земјава е поставен единствено кон европеизацијата, иако, како што рече, земјава можеби ќе чека уште 5,10 или и повеќе години додека не стане полноправна членка.

„Не станува збор просто само членството во ЕУ, за нас клучна цел е европеизацијата на нашата земја. Покажавме вистинска посветеност на овој процес и покрај тоа што од 2005 година сме земја кандидат и 16,5 години чекаме да се случи следниот чекор. На јасно сме дека до членството ќе поминат можеби уште 5, 7 или 10 и повеќе години, но ЕУ е неопходно да ги исполни своите ветувања, да ни овозможи да го направиме следниот чекор“, истакна премиерот Заев во емисијата „Конфликт зоун“ на „Дојче веле“ на англиски јазик и наведе дека за жал ЕУ не го испорача ветувањето пред граѓаните на Република Северна Македонија и сега разочарувањето е навистина големо.

Во однос на нашиот европски пат со Албанија, премиерот Заев истакна дека станува за збор за спојување од практична причина, при што наведе дека секоја земја треба да се оценува самостојно, иако во слична ситуација се најдовме пред неколку години, но во обратна насока кога патот на Тирана беше блокиран.

Премиерот Заев посочи дека оваа Влада преку Договорот од Преспа со Грција и со Договорот за добрососедство и соработка со Бугарија успеа во еден европски манир да реши децениски прашања.

Во однос на пречките со Бугарија на нашиот европски пат, премиерот Заев изрази оптимизам дека по формирањето на политичка Влада во Софија се отвора можност за надминување на овие прашања и посочи дека Владата на Северна Македонија го задржува курсот на посветеност и пријателство.