fbpx

Заев: Ќе се обидеме да привлечеме што е можно повеќе неопределени гласачи

-

СДСМ посветено работи и стои на ставовите за обезбедување фер и демократски избори, рече денеска лидерот на опозицијата, Зоран Заев, на трибина со младите во Битола.

– Ги подготвуваме партијата и нашето членство за избори и се надевам дека ќе анимираме огромен број неопределени гласачи, кои ќе се впуштат во поддршка на опозицијата. Ние се надеваме дека ќе дадат поддршка на опозицијата против оваа забегана власт и се надеваме тоа ќе се случи на 5 јуни – изјави Заев.

Тој рече дека според информациите што пристигнуваат од Државната изборна комисија, има шанси избирачкиот список да се прочисти навреме за избори. Заев додаде и дека медиумите остануваат отворено прашање.

– Тоа е договорено во Пржино и меѓународната заедница испрати јасна порака дека нема веродостојни избори без регулација на медиумите. Јас се надевам дека во периодот што следува, граѓаните ќе почувствуваат сериозна промена во медиумскиот простор, во функција на рамномерна застапеност и исполнување на професионалните норми и сè она што значи нормализација на општество во медиумскиот простор – рече Заев.

Одговарајќи на новинарско прашање, дали има конкретни сигнали да се седне на преговарачка маса за медиумите, лидерот на опозицијата рече дека верува дека ќе има и разговори и преговори. Според него, прашањето е дали во преговорите ќе бидат вклучени сите партии или двете најголеми.

– Јас верувам дека ќе се најдат решенија. Се надевам дека промените ќе бидат брзи и дека ќе се случат наскоро зашто на опозицијата не ѝ значи ништо ако тие промени дојдат неколку дена пред избори. Сакаме да ги претставиме нашата програма и нашите политики. Граѓаните мора да имаат информации од сите страни за да можат да одлучат – рече Заев.

Лидерот на СДСМ пред Офицерскиот дом, каде што се одржува трибината, рече дека граѓаните мора да се сплотат за да го сочуваат Уставот. Тој додаде дека со можноста да се прогласи Законот за помилување за неуставен, се испраќа порака дека секој што ќе направи изборни нерегуларности и грабежи ќе може да избегне одговорност, а тоа ќе ја загрози стабилноста на Македонија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...