Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во неделното интервју за „Радио Слободна Европа“ вели дека до крајот на месецот очекува да стане премиер и првите мерки што ќе ги преземе новата влада ќе бидат поврзани со интересите на граѓаните. Тој во интервјуто зборува за реформите кои се предвидени со новата програма, но и за претстојните локални избори.

„Едно решение кое мораме да го донесеме во парламентот е промена на Изборниот законик, заради одложувањето на локалните избори, верувам наесен, но тоа го планираме во согласност со сите парламентарни партии“, вели Заев.

За Специјалното јавно обвинителство вели дека „сака да си ја заврши работата за која е формирано“, а истовремено и да се „отворат процесите во судството“, односно „негово распуштање и реизбор“.

Во врска со инцидентите во Собранието, вели дека потребно е да се случи политичко, партиско, меѓуетничко и национално помирување, а се надева и на реформи во ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи, како што вели, за новата власт потребна е и силна опозиција.