На денешната прес-конференција на двајцата претседатели на најголемите партии во старо-новата владина коалиција, СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети не ги штедеа убавите зборови еден за друг, иако во екот на изборната кампања се чинеше дека се противници.

„ДУИ покажа големина и доблест за иднината на сите граѓани и државата. При таа доблест е утврдено јас да ја имам честа да бидам претседател на Владата во полн четиригодишен мандат“, рече мандатарот Зоран Заев.

Според него, дел од договорот е укинување на техничка „пржинска“ влада за што  ВМРО-ДПМНЕ дава поддршка.

„Заради оваа големина на ДУИ покажав доблест на 100 дена пред изборите да се постави премиер на предлог на ДУИ“, додаде Заев.

Тој најави дека овој договор ќе биде достапен на разгледување пред највисоките органи на СДСМ и ДУИ во текот на денешниот и утрешниот ден, а СДСМ тоа ќе го направи и пред коалиционите партнери и ДПА.

„Горд сум на овој договор кој е постигнат пред истекот на рокот од 20 уставно-загарантирани денови. Во оваа прилика ќе претставам дел од принципите од договорот за Влада која ќе ја предводам јас. Квалитетни одговорни и отчетни кадри за сите ресори од двете страни, кои ќе испорачааат програрмски определби од договорот, нема да има министри без ресор со исклучок на вицепремиерски функции, да се јакне економскиот стандард и привлекување странски инвестиции“, рече Заев.

Прашан зошто се откажал од идејата за премиер Албанец, Ахмети кажа дека идејата била да се доближат граѓаните, а не да се раздвојат.

„Идејата беше за доближување, порака за преземање одговорност од Албанците за заедничка држава. Мора да му признаам на Заев за храброста“, рече Ахмети.