Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, со митинзи во Прилеп и во Крушево симболично ја почна изборната кампања за предвремените парламентарни избори, закажани за 11 декември.
Во својот говор пред прилепчани, презентирајќи ја програмата на СДСМ и на Коалицијата за живот во Македонија, Заев најави економски реформи, поврат на ДДВ, зголемување на минималната плата, зголемување на просечната плата на 500 евра, неповратни грантови за млади за почнување бизнис, субвенции за тутунарите и бесплатно здравство.
– Ќе има живот во Македонија, ќе има за сите. Ова е план базиран на наука, на историја, на факти. Главна цел на новата влада ќе биде парите да ги врати во семејните буџети на секој од вас, граѓаните – рече Заев.
Тој рече дека Груевски не е ништо освен криминалец, кој зад себе оставил само криминал и корупција.
– Ги трошат народните пари за да се богатат. Народот е сведок за нивните криминални дела. Срам да им е! Ова злосторство никогаш нема да им го заборавиме. Македонија ќе доживее промени на 11 декември – рече Заев.
Претходно, коалицијата предводена од СДСМ одржа предизборен собир во хотелот „Монтана палас“ во Крушево, на кој говореа претседателот на СДСМ, Зоран Заев, носителот на листата во петтата изборна единица, Радмила Шекеринска, и кандидатот за пратеник од Крушево, Тома Петроски.
Заев од Крушево порача дека Македонија е подготвена за слобода, за демократија и оти ја почнуваат оваа кампања од легендарниот град кој е симболот на непокорот на борбата на македонскиот дух. Тој упати и отворена покана за телевизиски дуел до лидерот на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Носителот на листата во петтата изборна единица, Радмила Шекеринска, пак, во својот говор рече дека СДСМ има план како да се врати достоинството, сигурноста на граѓаните.
– Имаме план како да успееме и да оствариме во Македонија, да градиме едно општество за сите еднакво, Македонија да биде држава во служба на сите, а не само на една група. Ќе ги смениме законите кои дозволуваа една група да биде семоќна и тие ќе бидат во служба на граѓаните. Ќе воведеме бесплатно болничко лекување за сите, институциите да работат во полза на граѓаните, ќе ја менуваме политиката за да им дадеме шанса на младите и овде во Крушево. Од 11 декември секој кој ќе влезе во политиката ќе знае дека таа не е за личен профит, туку да ги решава проблемите на граѓаните и да ги врати надежта, сигурноста и одговорност – порача Шекеринска.