fbpx

Заев: Имаме стабилна предност од три пратенички мандати пред ВМРО-ДПМНЕ

-

Околу 2 часот по полноќ, претседателот на СДСМ Зоран Заев, одржа прес-конференција на која соопшти дека коалицијата „Можеме“ има „убедлива и стабилна предност од над три пратенички мандати пред ВМРО-ДПМНЕ“. Тој додаде дека постои можност за таа разлика да се зголеми за еден или два мандати повеќе.

„Волјата на народот се потврди. Победуваме. Излегоа граѓаните и гласаа за сигурна иднина, за заедништво и солидарност, за економски патриотизам, за реди и правда“, рече Заев додавајќи дека „патот напред е потврден, на опасноста ѝ кажавме јасно не“.

Според Заев, епилогот на изборите се отсликува во старата македонска поговорка „како ќе си постелиш, така ќе си легнеш“.

„Тоа значи дека сите учесници на денешните избори добија порака од гласачите според тоа како и на кој начин ги спроведуваа своите политики“, рече Заев.

Според Заев, епилогот на изборите се отсликува во старата македонска поговорка „како ќе си постелиш, така ќе си легнеш“ | Фото: Арбнора Мемети

Заев посочи дека во најбрз рок коалицијата ќе влезе во процес на создавање на нова влада. Меѓу другото, тој најави масовно чистење на воздухот, водата и почвата и еко-држава, уште подобра заштита на јавното здравје, преговори со ЕУ и правда.

Иако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски не излезе на прес-конференција да ги коментира изборните резултати, генералниот секретар на партијата Игор Јанушев најави дека и тие ќе влезат во трка за формирање влада.

Демократската унија за интеграција, исто така, прогласи победа во албанскиот блок со најмалку 12 пратенички мандати.

Државната изборна комисија, пак, чија веб-страница со изборните резултати беше срушена со хакерски напад, официјалното прогласување на бројот на мандатите го најави за следниот ден. Од обработени 94 отсто од податоците, како што рекоа од ДИК, коалицијата „Можеме“ има 36,13 отсто од гласовите, а ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција за обнова 34,65 отсто од гласовите. Потоа следуваат ДУИ 11,57 проценти, Алијанса на Албанците и коалицијата 8,79 проценти, Левица 3,96 проценти, ДПА 1,48 проценти, Интегра 1,33 проценти.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.