Во рака држам 67 потписи на пратеници од македонското Собрание, кои гарантираат можност за нова влада за граѓаните на Македонија, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев, пред резиденцијата на претседателот Ѓорге Иванов, кому ги предаде собраните потписи.
– Овие потписи овозможуваат да заврши кризата во Република Македонија и конечно државата да се придвижи напред, во функција на враќање на животот во Македонија. Денеска, очекувам господинот Иванов да го врачи мандатот во најкус можен рок за да може да почнеме преговори за создавање и за формирање нова влада за граѓаните на Република Македонија – рече Заев.
Лидерот на СДСМ, кој кај Иванов пристигна придружуван од Радмила Шекеринска и од Оливер Спасовски, порача дека следува мирен и брз трансфер на власта во Република Македонија.