fbpx

Заев: Идната година во вистинска слобода да го дочекаме Денот на независноста

-

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, придружуван од партиска делегација, Денот на независноста го прослави со граѓаните во месноста Три Круши. Заев, на присутните им кажа дека делегацијата го посетила гробот на Киро Глигоров и својот говор го почна цитирајќи го првиот македонски претседател со говорот што го одржа на денот кога беше прогласена независноста. Претседателот на опозицијата кажа пред граѓаните дека речиси 10 од 24 години независност, не може да се каже дека во Македонија има демократија и слобода.

– Се вгнездила една змија во институциите на системот, а наша обврска, почитувани граѓани, е да ја истераме. Повторно да си ја вратиме и демократијата и слободата во нашата земја. Имаме режим, хибриден режим, кој е наметнат во нашата земја и тој мора да заврши. Па, идната година, на 8 септември, во вистинска слобода да го дочекаме празникот на независноста на нашата земја – изјави Заев пред граѓаните во месноста Три Круши.

Тој рече дека и покрај битката што ја издвојувале заедно со граѓаните, борбата продолжува. Како што вели Заев, идните месеци се од исклучително драгоцено значење.

– Успеавме да договориме во Пржино одредени вредности со чија имплементација, верувајте, земјата чекор по чекор ќе ја вратиме во нормала, ќе добиеме повторно демократски институции, ќе ги вратиме корективите во општеството. Тоа е само по себе значаен период до денот на изборите. Знаете дека се изборивме да добиеме преодна влада. Во преодната влада која почнува со работа на 20 октомври, конечна цел е заедно да ги вратиме демократските институции, но и да бидеме чувари, целото злосторство да не се повтори на денот на изборите, пред изборите, во кампањата и целиот овој период. Покрај преодната влада, ќе го дочекаме и денот околу Нова Година, Груевски да даде оставка, да замине и никогаш повеќе да не се врати – додаде лидерот на опозицијата.

Заев рече дека до заминувањето на Груевски, МРТВ треба да биде независна, а Агенцијата за аудиовизуелни услуги да биде коректив на медиумите со национални концесии и приватна сопственост.

– Дотогаш треба да ги видиме првите чекори кон независно судство. Еј, во 24 години демократска земја, повторно да имаме шанса да добиеме правда ако сме правични. Имаме шанса сиве овие месеци да се избориме за ново изборно законодавство, за веродостоен избирачки список. Специјалниот обвинител овие денови ќе се договори, да немате сомнеж, бегање од тоа нема, колку и да е болно за политичките противници, ќе има Македонија специјален обвинител, кој ќе отвори предистражна и истражна постапка за сите криминали што се направени сиве овие години наназад од власта. И колку што е можно побргу, нашата држава да ја видиме членка на Европската унија и членка на НАТО! Само во тој правец е нашата иднина и друга алтернатива за нашата земја нема. Нека ни е среќен и вековит 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија – рече Заев.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Меѓаши: Младите треба отворено да зборуваат ако имаат суицидни мисли

Потребна е поголема поддршка од институциите за негување на детското ментално здравје, а сите треба да учествуваме во детабуизирање на темата. Ова беа заклучоците на денешното презентирање на наодите на...