Премиерот Зоран Заев и поранешниот директор на Управата за безбедност и за контраразузнавање, Зоран Верушевски, денеска треба да се појават и да дадат исказ во Специјалното јавно обвинителство во врска со случајот „Таргет“, потврдија за „Мета“ од СЈО.
Според информациите, Заев и Верушевски треба да пристигнат во СЈО во 14.30 часот, по претходна покана од обвинителството.
Случајот „Таргет“ се однесува на незаконското следење на комуникациите, односно на тоа кој прислушувал, по чија наредба и колку луѓе биле опфатени од незаконското прислушување.
На 18 ноември, СЈО при презентација на овој случај откри дека вкупно 5.817 телефонски броеви незаконски биле прислушувани од Управата за безбедност и контраразузнавање преку нејзините системи за следење на комуникација, во период од 2008 година до 2015 година.
За десет поранешни и сегашни вработени во УБК, кои се наоѓале на раководни позиции или биле дел од пониски ешалони, постои основно сомневање дека ја искористувале службената положба и незаконски прислушувале.