Зоран Заев, Радмила Шекеринска и претседателката на Форумот на жени на СДСМ, Цветанка Ласкова, денеска се сретнаа со Соња Локар, извршна директорка на мрежата на Централно-европската иницијатива за родови прашања.
На средбата се разговарало за политичката состојба во земјава и во регионот.
– Родовата еднаквост, вклученоста на жените во активниот политички живот и едукацијата на жените се правци во кои треба да работи Македонија како земја што претендира да стане дел од европската заедница – истакнала Локар.
Заев посочи дека вклученоста на жените во партиските активности на Социјалдемократскиот сојуз изнесува 40 отсто и дека нивната улога е важна во носењето на одлуките и во креирањето на политиките на партијата.
Заеднички беше констатирано дека проблемите со кои се соочува земјата, големиот процент на сиромаштија, иселувањето на младите и големиот процент на невработеност директно ги засегаат жените и затоа нивната вклученост во политиката е неопходна за нивно решавање.