Премиерот Зоран Заев се сретна со претседателот на Европскиот парламент Давид-Мариа Сасоли, кој во нашата земја е на покана на претседателот на Собранието Талат Џафери, со кого ќе се разговара денеска.

„Не е лесно да се продолжи без структуриран и систематски притисок што ќе го донесеа пристапните преговори – но ние велиме нема алтернатива. Имаме доволно внатрешна сила за понатамошни реформи, за борба против корупцијата и за владеењето на правото. Тоа ќе бидат нашите резултати и нашите аргументи дека нашето место е во ЕУ. Ние веруваме во вредностите на ЕУ и убедени сме дека новата шанса за нашата земја ќе биде отворена наскоро“, рече Заев.

Сасоли истакна дека за време на последниот Европски совет три влади имале приговори и поради тоа не беше донесена одлуката.

„Немаше категорично не, но имаше условувања. Во овој момент некои влади се во фаза на предомислување, односно ги разгледуваат сопствените одлуки што ги донеле. Знаеме дека темата ќе биде отворена пред Европскиот совет во мај, а потоа следува и самитот во Загреб, и ние сме посветени на тој процес“, додаде тој и изрази надеж дека земјата следната година ќе ги започне преговорите.

Сасоли вчера се сретна и со претседателот Стево Пендаровски кој истакнал дека одлуката на Европскиот совет да се наврати на прашањето на проширувањето идната пролет може да биде демотивирачка за Македонија и за целиот регион на Западен Балкан.

Претседателот на Европскиот парламент денеска ќе има обраќање пред пратениците во Собранието.