Заев и поранешниот британски премиер Блер разговарале за Иницијативата Отворен Балкан и за вакцинацијата

Македонскиот премиер Зоран Заев го прими поранешниот премиер на Обединетото Кралство, Тони Блер. Фото: Влада на РСМ, 24 август 2021

Поранешниот британски премиер Тони Блер, во својство на претседател на Институт за глобални промени, кој во својот фокус ја има поддршката за технолошки развој на земјите кои имаат амбиции да бидат компетитивни и да бидат во чекор со технолошки напредните земји, денеска во Скопје беше примен од македонскиот премиер Зоран Заев. На средбата се разговарало главно за Иницијативата Отворен Балкан, соопшти Владата.

Според соопштението, поранешниот премиер на Велика Британија на средбата ја истакнал како исклучително значајна иницијативата „Отворен Балкан“ и потенцирал дека целите кон кои се стреми овој проект за поврзување на регионот во заеднички пазар и на многу други нивоа ќе им донесе многу придобивки на граѓаните на Северна Македонија, Албанија и Србија и ќе биде акцелератор на процесот за членство на овие земји во ЕУ.

Според Блер, „Отворен Балкан” е иницијатива спротивна на националистичките агенди и дека со ова трите земји предводнички јасно и покажуваат на Европската Унија дека се сериозно посветени на иднината и на европскиот пат.

На средбата се разговарало и за придобивката што со дигитализацијата може да ја добие Северна Македонија во делот на менаџирање со податоци при справувањето со ковид-19, односно за ставањето во функција дигитални дата бази за регистрирање и верификација на граѓаните кои се вакцинирани, со цел нивна побрза мобилност низ целиот свет.

Заев и Блер се согласија дека вакцинацијата е најдобро глобално решение во борбата со ковид-19 и дека нормализација во живеењето на граѓаните низ целиот свет е можна само преку масовна вакцинација, соопшти Владата.