Премиерот Зоран Заев и заменик-премиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, денеска ја промовираа кампањата за подигање на свесноста и за поддршка во борбата против корупцијата.

Премиерот Заев на промоцијата истакна дека под слоганот „Сега сé е јавно – Корупцијата не се исплати“ кампањата е од посебен јавен интерес и дел од широкиот фронт за борба против корупцијата.
Таа произлегува од јасната политичката волја да се избориме за целосно искоренување на корупцијата, уверуваше премиерот.

„Кампањата е израз и на нашата постојана и гласно афирмирана заложба да им дадеме гласност и видливост на воспоставените јасни механизми за соработка меѓу сите институции за справување и спречување на корупцијата, и за охрабрување на граѓаните и медиумите да укажуваат и да зборуваат јавно и гласно“, нагласи Заев.

Кампањата има за цел да ги мобилизира граѓаните и државната администрација во обезбедувањето заштитни механизми и отпор кон корупцијата која го разорува општеството по сите основи.

Станува збор за интегрирана кампања, рече премиерот Заев, која ќе информира за заштитните механизми преку видео и аудио продукција, различни пи-ар активности, а како канали за комуникација со нејзините пораките земени се дигиталните платформи на социјални медиуми, домашните веб портали, билбордите, а ќе биде креирана и посебна интерактивна веб страница.

„На кампањата „Сега сé е јавно – Корупцијата не се исплати“ треба да се гледа како на уште еден придонес за синхронизирана комуникација и за остварување на приоритетите утврдени во Национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025“, потенцираше премиерот.

Заев ги повика граѓаните да се охрабрат и да ја пријавуваат корупцијата и како неприкосновениот и конечен владетел во нашата демократска земја да не се плашат од никого, а на функционери на сите нивоа им порача дека корупцијата не се исплати и дека последната дестинација на оние што го прават ова кривично дело е затворот и срамот пред заедницата.

Заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски дополни дека станува збор за широка комуникациска кампања, со единствена цел – на највисоко ниво да се информира јавноста за штетноста на корупцијата во функционирањето на едно општество, за подигање на свеста кај секој граѓанин да ја препознае и да пријави корупција.

„Со кампањата ја праќаме пораката – дека оваа Влада е максимално заложена и одлучна, да води политика на транспарентност, која е основата на борбата против корупцијата. Крајно, транспарентна Влада значи создавање на услови за буквално секој граѓанин да гледа како функционира системот и притоа да ги има сите можности да ги детектира слабостите, пропустите и да алармира за недоследности“, нагласи заменик-претседателот во Владата Николовски.

Во своето обраќање тој образложи дека во видео спотовите на кампањата драматично е претставен мегафонот како симбол кој го зајакнува гласот, односно прави обидот за корупција да биде исклучително ризичен поради транспарентноста на процесите.

„Токму тие мегафони се симбол за сите алатки на транспарентност, кои им стојат на располагање на сите граѓани, во секое време. Како што вели и слоганот, „Сега сé е јавно“, така и мегафоните во спотовите, зајакнувајќи го гласот на разговорот и привлекувајќи внимание кај околните минувачи и затекнати поединци, прават транспарентноста да се сфати, како параметар кој треба да ги одврати од намерата за корупција“, потенцираше Николовски.

Како што кажа заменик-претседателот во Владата, со кампањата се праќа пораката дека оваа Влада е максимално заложена и одлучна, да води политика на транспарентност, која е основата на борбата против корупцијата. Крајно, транспарентна Влада значи создавање на услови за буквално секој граѓанин да гледа како функционира системот и притоа да ги има сите можности да ги детектира слабостите, пропустите и да алармира за недоследности.

„Транспарентноста, гласноста и свесноста се клучни за да се избориме со ова зло. Мора да сме информирани. Мора да сме храбри. Сега сé е јавно. Навистина, со сета таа транспарентност, корупцијата не се исплати“, истакна заменик-претседател на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски на промоцијата на кампањата „Сега сé е јавно – Корупцијата не се исплати“, најави дека наскоро ќе биде објавен систем за пријавување на корупција и за следење на сите предмети поврзани со ова кривично дело.