Лидерот на опозицијата, Зоран Заев, ја објави тринаесеттата „бомба“ на денешната прес-конференција во седиштето на СДСМ. Тој презентираше снимки од разговори на премиерот Никола Груевски и на министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, на една тема – парцелата на Водно за која премиерот кај министерот се интересира во неверојатни детали:

  • Дали е зад линијата или под линијата?
  • Ако не најдеме купувач за она кај В.Т.?
  • Каде оди патот?
  • Дали е по ГУП или ДУП?
  • А не може од горе да оди патот, каде што има куќички?
  • Земјен пат, пет метри плус. Може ли да се прошири кривината, до кога и за колку квадрати?
  • Дали може некој над него да гради, „оти сто посто ќе го купи некој“?
  • Може повисока цена ќе му постигнам, јас тоа кога ќе го затворам, ова го покривам.
  • Таа парцелата ќе се подигне нагоре?

По презентирањето на снимките, Заев праша „кој е тој Никола Груевски по чиј налог зелениот и рекреативен појас на Водно станал градежно земјише само на име на фирмата од Белизе и кое по денешна цена ќе тежи повеќе од 17 милиони евра?“.

Во вториот дел од снимките што ги обелодени денеска Заев, можеше да се чујат Груевски и Јанакиески како се договараат да го средат проблемот со „Космос“ на Фијат Цаноски.

Демек службите ги згрешиле квадратурите, правеле анекс, сум го пратил во Катастар и чекам одговор утре – му порачува Јанакиески на Груевски.

СДСМ Во разговорот има сочни делови каде може да се чуе како Груевски со нескриено задоволство се радува и се смее зашто успеал да го понижи и уплаши Цаноски, кој „не да е посран, му тече низ панталони, не сум го видел ваков досега никад“.

Груевски бара од Јанакиески да ја среди работата со Цаноски „за тој да не ги тужи Коце и Тони, (градоначалниците на Скопје и на Гази Баба) оти ќе си ги земе парите на суд, а Тони и Коце ќе го јадат и со пари и со кривични“.

Да му најдеме некоја мана – бара премиерот.

Заев на крајот порача дека со ова се испишани најгрдите страници од поновата историја на Македонија.

На новинарско прашање дали можеби ги штеди албанските политичари, Заев одговори дека „сè што постои ќе биде објавено“.

– Дестабилизација нема да дозволиме. Груевски со заканите и со она што го прави за да ја спаси сопствената кожа, ја испраќа пораката за дестабилизација. И да сака Груевски дестабилизација, тоа повеќе нема да може да го направи. Етничките заедници се здружени и тоа веќе не зависи од него – рече Заев.