Прашан од „Порталб.мк“, премиерот Зоран Заев, посочи дека е запознаен со случајот на честите палења на депонијата Шутка и, иако не даде ветување, рече дека верува оти Град Скопје, Општина Бутел и Чаир, ќе најдат решение.

Заев исто така изјави дека палењето на депонијата предизвикува дополнителна штета.

„Депонијата дефинитивно е обврска на индустриската зона во Визбегово. Зошто? Бидејќи на некој му е дадена индустриска зона, но нема обврски за комуналиите и тоа влијаело да нема инфраструктура. Меѓу другото, нема депонија. Кога ќе платите комуналии на општината и добивате дозвола за подигање на индустриски објект, во тој случај општината и градот Скопје се должни да изградат атмосферска канализација, фекална канализација, водовод, патишта, тротоари, улично осветлување и средена депонија. А сега тоа не е решено. Град Скопје, верувам, заедно со општина Бутел и Чаир на чии територии се наоѓа депонијата ќе најдат решение за депонијата која често се пали, и предизвикува дополнителна штета на животната средина”, рече Заев.

Инаку, Општина Шуто Оризари и Градот Скопје добија задолжение од Инспекцискиот совет да ги координираат активностите за чистење на депонијата. Оваа обврска од страна на Инспекцискиот совет дојде откако Државниот инспекторат за животна средина, Општинскиот инспекторат на Шутка и Инспекторатот на Градот Скопје, извршија инспекција на 10 јуни 2019 година.

По спроведувањето на инспекцискиот надзор, Државниот инспекторат изготви записник во кој се вели дека локацијата не ги исполнува минималните услови потребни за да се користат како станица за утовар и растовар.

„Самата локација е во близина на патот, а отпадоците се фрлени во близина на патот што води до Црквата и се наоѓа во приватен имот. Општина Шуто Оризари не поседува дозвола за станица за утовар и растоварување и не управувала со локацијата, а исто така ја нема исполнето обврската за собирање, превоз и исфрлање на отпадоците. Утврдено е дека надлежноста за решавање на овој проблем е на локалната власт, односно општината Шуто Оризари“, се вели во записникот.

Депонијата треба под итно да се исчисти и пресели во Дрисла, бидејќи освен што се потпалува редовно, и тоа во се поголем обем, во извештајот ЈЗУ е посочено дека може да биде и извор на загадување на водата, бидејќи се наоѓа во близина на резервоарот на ЈП „Водовод и канализација”.

Жителите на 24 мај, 2019 пратија писмо до премиерот Зоран Заев, заедно со сите документирани материјали за активностите што ги презеле во текот на овие четири месеци работа и побараа одговорност поради не чистење на депонијата.