Денеска во 11 часот, мандатарот Зоран Заев го достави до Собранието предлогот за состав на новата влада како и владината програма за следните четири години. Тој, заедно со сите 19 предложени министри даде изјава за медиумите пред зградата на Собранието.

„Денеска како мандатар, до Собранието доставувам предлог за влада која е подготвена да работи во полн четиригодишен мандат. Со мене денес се 19 министри и министерки, сите заедно се обврзуваме дека ќе влечеме напред секој ден, секој час. Дека ќе работиме уште повеќе и уште подобро и ќе побараме од секој граѓанин уште поголемо учество“, изјави Заев.

Како што истакна тој, македонските граѓани ќе добијат стабилна, ефикасна и одговорна влада која ќе гарантира континуитет во спроведувањето на заедничките стратешки приоритети, членството во НАТО и ЕУ, добрите меѓу соседски и меѓу етнички односи, внатрешни кохезија, справување со пандемијата на корона вирусот, нова енергија и решителност во создавањето подинамичен економски раст, одржлив развој, модерно образование, ефикасна правна држава и силни институции

Предлог-членовите на новата влада пред Собранието | Фото: Арбнора Мемети

„Програмата за работа на Владата во целост ја отсликува посветеноста на сите политички партии кои се дел од коалицијата за бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата, темелно прочистување на судството и проверка на потеклото на имот и пари на сите функционери. Сите коалициони партнери сме согласни посветено да продолжиме на реализација на договорите со Република Грција и Република Бугарија кои донесоа влез во НАТО и одлука за почеток за преговорите за влез во ЕУ, како и на Охридскиот рамковен договор кој е темел на заедничкото живеење во мир“, додаде тој.

Имајќи ја предвид моменталната ситуација со ковид-19, Заев рече дека новата влада ќе се посвети сериозни инвестиции во јавното здравство и борбата со корона вирусот. А дел од столбовите на програмата е и решавањето на деценискиот проблем со загадувањето, потенцираше Заев и ги повика граѓаните активно да се вклучат во заштита на животната средина.

„Ова се принципите и вредностите од кои ќе се води новата владата. За остварување на овие определби, денеска до Собранието предлагам одговорни, професоонални и отчетни кадри, кои ќе ги задолжам со конкретна мисија и цели во Ваше име“, децидно кажа Заев.

Како што истакна тој, 90 проценти од местата за заменици министри се веќе утврдени, а фокус на новата владата во првите 100 дена ќе биде зачувување на работните места бидејќи како што кажа, сигурен е дека кризата со корона вирусот ќе потрае.