Македонскиот премиер Зоран Заев во интервју за регионалната телевизија Н1  изјави дека ги решил сите отворени прашања што ги имал со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по неговата изјава за македонското сценарио кое може да се прелее во Србија, но и по информациите кои велат дека поранешен член на БИА беше во Собранието.

Заев вели дека Србија немала влијание или лоши намери.

– Се разбира, имаше коментари во претседателската кампања за македонско сценарио, но јас не навлегувам во тоа. Според сите извештаи, Македонија беше заробена држава, институциите не функционираа. Ние сите имавме работна вечера, лидерите на земјите од Западен Балкан. Исто така, беше претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и тука си подадовме рака и продолживме напред. Исто така, беше премиерката Ана Брнабиќ, која отвори убава перспектива, што јас ја потврдив. Презедовме обврска која ја сакаат и нашите граѓани, а тоа е соработка и отворање нови перспективи за граѓаните на Македонија и Србија – вели Заев, одговарајќи на прашањето дали кризата во Македонија била вештачка, за да се прелее во други земји, како што тврдеше Вучиќ.

Тој вели дека политичарите треба да се борат за правата и на другите етнички заедници, а не само на својата. Вели дека за него доказ се лузните на неговото лице.

– Сите извлековме позитивни поуки од политичката криза во Македонија. Малку бевме изненадени и тоа е добро, за да работиме никогаш тоа да не се повтори ниту во Македонија ниту каде било во светот. Успеавме да тргнеме напред во унапредување на животот на сите граѓаните. Овие лузни на моето лице се затоа што сум Македонец кој се борел за подобрување на правата на другите, помалку бројните народи и за мултиетничко општество – вели Заев во интервјуто.